Двајца припадници на британската армија се уапсени откако, според британските медиуми, украле оклопно возило „Булдог“ во текот на ноќта и го користеле за да предизвикаат голема материјална штета во касарната „Свинтон“ во Перхам Даун.
Според информациите што ги објави „Сан“, пред инцидентот, војниците се забавувале надвор од базата, а по враќањето околу еден час по полноќ, зеле гасенично оклопно возило од 15 тони и го возеле низ касарната.
Додека возел, „Булдогот“ удрил во неколку паркирани автомобили, при што некои возила се сериозно оштетени, додека две се целосно уништени.
На видео кое се прошири на социјалните мрежи, може да се види оклопно возило како поминува низ тесен пат помеѓу паркирани автомобили, оставајќи зад себе голема штета.
И покрај уништувањето, никој не е повреден во инцидентот, а самото оклопно возило не е оштетено.
Особено е необично што откако завршило дивеењето, возачот уредно го паркирал „Булдогот“ на паркинг место пред да се врати во својата касарна.
Британските медиуми јавуваат дека припадници на Кралската воена полиција уапсиле војник осомничен дека го управувал возилото во раните утрински часови, додека друг војник е приведен под сомнение за вмешаност во инцидентот.
„Булдог“ е оклопно возило за транспорт на војници на тешки терени.
Се напојува со мотор од 240 коњски сили и може да достигне брзина од околу 50 километри на час.
Британската армија потврди дека двајца војници се уапсени по инцидентот во Перхам Даун и изјави дека очекуваат највисоки стандарди на однесување од своите членови.
Додадоа дека поради тековната истрага, засега нема да даваат дополнителни коментари.
Soldados británicos🇬🇧, en estado de embriaguez, robaron un vehículo blindado de su base, chocaron contra varios automóviles, lo devolvieron y se fueron a dormir. pic.twitter.com/C0XjQz58yX
— Señor del caos visual ☭ 🇨🇱 (@adictoapple) July 26, 2026

