Здружението „Еко Акцијаши“ од Куманово ќе формира училишни и граѓански еколошки патроли, со цел поголемо вклучување на граѓаните во зачувувањето на животната средина и подобрувањето на хигиената во градот.
Проектот предвидува формирање на два вида еко-патроли – училишни, кои ќе функционираат во рамките на основните училишта, и граѓански, кои ќе ги опфаќаат граѓаните и здруженијата на граѓани, организирани по реони, односно месни заедници.
Претседателот на здружението, Јусуф Љатифи, посочува дека ваков проект во оваа форма досега немало во Куманово, но дека идејата не е целосно нова, бидејќи во 1994 и 1995 година имал слично искуство со друго здружение, преку проектите „Зелен дежурен телефон“ и „Еколошка патрола“.
– Поведен од искуството тогашно, седнавме во здружението и почнавме да ја пишуваме програмата „Еко-патроли“. Сега тука се работи за две врсти на еко-патроли, училишни еко-патроли од основните училишта и граѓански еко-патроли кои ќе ги опфатат граѓаните и здруженијата на граѓани, објаснува Љатифи.
Идејата, како што посочува, е да се опфати цело Куманово и секој граѓанин да може да се вклучи во активностите за развој на еколошката свест и култура.
– Еколошките патроли се модус преку кои граѓанинот директно се вклучуваат во активностите на еко-патролите, односно на акцијашите, со тоа што повеќе нема да има декларативно изјаснување дека се со развиена свест и култура, но кога ќе дојде време да се реализира стварно некоја акција, тогаш ги нема никаде, вели Љатифи.
Училишните еко-патроли ќе дејствуваат во рамките на училиштата, а формирањето ќе се реализира преку спогодба за соработка со Секторот за образование при локалната самоуправа, по што ќе следува потпишување спогодби со основните училишта во Куманово.
Постојните еколошки секции ќе бидат преименувани во училишни еко-патроли, кои ќе работат во училиштата и нивната непосредна околина.
Активностите нема да се сведуваат само на грижа за животната средина, туку ќе опфаќаат и едукација, како и практични акции на терен.
Граѓанските еко-патроли ќе бидат организирани по реони, односно месни заедници, а регрутацијата на заинтересирани граѓани ќе започне на 1 јануари 2027 година. Тие ќе бидат задолжени за надгледување, организирање еколошки акции, едукации и кампови во нивниот реон.
– Дејноста на еколошките патроли, без разлика дали се училишни или граѓански, е да патролираат низ својот реон, односно школото, и да известуваат за забележаната аномалија – фрлање отпад, формирање на диви депонии, палење оган. Комплетно се води дневник, значи секоја еколошка патрола води дневник во кој се забележуваат сите неправилности кои се надвор од кодексот на едно еколошко однесување, објаснува Љатифи.
Според него, целта е граѓаните да ја сфатат сопствената одговорност за загадувањето и да се промени односот кон животната средина.
– Еколошката патрола ќе укажува на граѓаните дека загадувањето на животната средина не е работа на некој друг, туку на самите граѓани. Ние граѓаните загадуваме, ние граѓаните сме должни да работиме на самоедукација дека одредени работи не треба да се прават, посочува Љатифи.
Граѓаните ќе можат да пријавуваат забележани неправилности, а пријавувањето нема да мора да биде со име и презиме.
Од „Еко Акцијаши“ информираат дека досега имаат околу 20 пријави за локации на кои се формирани диви депонии. Пријавените локации ќе бидат евидентирани и проверени на терен, а една од задачите на еко-патролите ќе биде нивно мапирање.
Врз основа на мапирањето, здружението планира да изработи посебна програма за уредување на локациите, со најмалку една поголема акција месечно.
– Еднаш месечно избираме по една поголема локација за уредување, меѓутоа не само класично уредување, туку ако се работи за имот кој не е во категорија на приватен имот, во сопственост со општината или државата, таа локација да биде амбиентално уредена како паркче некое, ќе се засади дрвце, цвеќе, за децата места за играње, така да и таа површина биде буквално зафатена за да не може повторно да се фрла, најавува Љатифи.
Од здружението посочуваат дека за проектот навремено ги известиле Советот на Општина Куманово, градоначалникот и надлежните сектори, а иницијативата ја гледаат како граѓанска акција за поттикнување на еколошката свест и култура.
Љатифи додава дека и покрај интересот што постои, досегашното искуство покажува дека граѓаните често се откажуваат од конкретно учество во акциите, поради што очекува со формирањето на еко-патролите да се поттикне поголема активност и ангажираност.
Никола Ивановски

