Петрушевски ја предводеше македонската делегација на состанокот на СЕЛЕК во Букурешт

Сподели со своите пријатели

Државниот секретар во Министерството за внатрешни работи, Сашо Петрушевски, учествуваше на 27. состанок на Советот на СЕЛЕК, одржан во Букурешт, Романија, каде што беше избран и нов генерален директор на Центарот.

Петрушевски учествуваше на состанокот во својство на постојан член на Советот, предводејќи ја македонската делегација на регионалната средба посветена на соработката во областа на спроведувањето на законот во Југоисточна Европа.

 

 

Во рамки на состанокот беа презентирани резултатите од оперативната работа на СЕЛЕК за 2025 и 2026 година.

Притоа, беше разгледан придонесот на Центарот во унапредувањето на регионалната соработка и координацијата меѓу надлежните институции во борбата против прекуграничниот и организираниот криминал.

 

 

Една од главните точки на состанокот беше изборот на нов генерален директор на СЕЛЕК. За функцијата беа номинирани кандидати од Албанија, Романија и Србија, а по спроведената изборна постапка беше избрана кандидатката на Романија, Мадалина Сорина Влангар.

Учеството на ваквите регионални средби овозможува размена на информации, искуства и добри практики меѓу земјите членки, со цел поефикасно справување со безбедносните предизвици и зајакнување на заедничките активности против криминалот.

 

 

Од МВР посочуваат дека активното учество во регионалните иницијативи е важно за натамошно унапредување на соработката и зајакнување на безбедноста во Југоисточна Европа.