Општинскиот Комитет на ВМРО ДПМНЕ Куманово на денешната прес конференција со контранапад кон ОО на СДСМ, презентираше свои факти на обвинувањата на социјалдемократите дека ВМРО ДПМНЕ не ги реализирала ветените проекти.
Според Бране Петрушевски, член на ИО на ОК ВМРО ДПМНЕ и претседател на Комисија за информатичка технолофија, Зоран Дамјановски и понатаму не сака да одговори на многуте прашања кои секојдневно му ги поставуваат граѓаните.
– Зоран Дамјановски не сака да одговори до каде е реализацијата на ветените проекти, за кои ја доби доверба од граѓаните. Наместо одговори и објаснувања, тој избра да се затскрие зад младите од неговата партија, пуштајќи ги на прес конференција да изнесуваат лаги и невистини. Вчера, на прес конференција, ОО на СДСМ Куманово, ја обвини ВМРО-ДПМНЕ дека не ги реализирала ветените проекти. Затоа за волја на вистината, со факти и аргументи, ќе ги демантираме нивните вчерашни тврдења, таксативно проект по проект, истакна Петрушевски
На денешниот прес, Петрушевски во име на партијата спомена неколку проекти содржани во изборната програма на ВМРО ДПМНЕ, како што се рехабилитација на автопатска делница Куманово – Миладиновци, кој проект според изборната програма за 2014 – 1018 година ќе биде завршен на крајот на 2017.
– Сега е 2015 година. Инаку, сакаме да ги информираме колегите од СДСМ, како и целата кумановска јавност, дека реализацијата на овој проект ќе отпочне во февруари 2016 година, согласно предвидениот план и динамика. Проценетата вредност на овој проект е 16 милиони евра, изјави Петрушевски.
Со обвинувања дека СДСМ наместо да понуди идеи, проекти и програма, ја замајува кумановската јавност со лаги и невистини, ОК на ВМРО-ДПМНЕ Куманово на денешниот прес емитуваше видео запис од 2013 година, во кој градоначалникот Зоран Дамјановски зборува за предизборните ветувања и изградба на современа урбанизирана технолошко – индустриска развојна зона во атарот на селото Речица од 60 илјади метри квадратни, со излез на автопатот Е75 (Скопје – Белград)
– Истата требаше да има обезбеден пристап до водовод, електрична енергија, канализација и гас со што ќе се создадеа услови за привлекување на поголеми инвеститори во Општината. Во рамките на оваа технолошко – индустриска развојна зона според Вашите ветувања и прогнози требаше да се отворат 60 стопански објекти со проекција од 2500 до 3000 нови вработувања.Зошто, иако ветивте, на Куманово не му обезбедивте ТИРЗ? Зошто поради Вашата негрижа и неспособност, Куманово да биде хендикепирано во погледот на странски инвестиции, токму во периодот кога во Република Македонија секојдневно се отвораат нови фабрики во ТИРЗ-и, праша Петрушевски.
ОК на ВМРО ДПМНЕ со обраќање до Дамјановски праша дали тој и локалната самоуправа ќе понесат било каква одговорност за нивните неуспеси.