Папата Франциско денеска изрази надеж дека следната јубилејна година на Римокатоличката црква ќе биде поволна можност за постигнување примирје во сите земји каде што се водат борби.
Папата изрази надеж во предговорот на најновата книга „Јубилејна година на надежта“ напишана од ватиканскиот експерт Франческо Антонио Грана, пренесе агенцијата Анса.
„Од секоја војна, мора да биде јасно, сите, речиси сите, излегуваат поразени! Од првиот ден сите излегуваат поразени. Нема победници и губитници, само губитници“, рече Папата.
Според Папата, јубилејната година на Римокатоличката црква е можност секој да оди на аџилак.
Тој рече дека тоа не е само патека наменета за оние кои се сметаат себеси за совршени.
„Светата година им дава прошка на сите затоа што сите сме грешници, па дури и јас како Папа, и треба да ни биде простено“, рече поглаварот на Римокатоличката црква, додавајќи дека не постои грев што Бог не може да го прости и дека не постои човек кој не може да побара прошка од Бога.
Следната 2025 година е света јубилејна година за Римокатоличката црква.