Богатството на најбогатиот човек во светот, Бернард Арно, надминува 200 милијарди долари, а шефот на француската компанија за производство на луксузни стоки LVMH стана само третото лице, по Илон Маск и Џеф Безос, кој некогаш се стекнал со таков богатство.
Богатството на Арно за прв пат надмина 200 милијарди долари бидејќи акциите во неговата француска империја за луксузни стоки LVMH достигнаа рекордно високо ниво, пишува Гардијан.
Овој 74-годишник стана само третиот човек во историјата кој се здобил со вакво богатство.
Илон Маск од Тесла и Безос од Амазон веќе ја достигнаа таа магична бројка, пред нивното богатство да падне поради падот на цените на технолошките акции.
Богатството на Арно деновиве се зголеми за 2,4 милијарди долари, на 201 милијарда долари, според индексот на милијардери на Блумберг, кој секојдневно се ажурира.
Неговото богатство се зголеми за 39 милијарди долари оваа година бидејќи акциите на LVMH пораснаа за 30 отсто, благодарение на зголемената побарувачка за луксузни стоки меѓу богатите во светот.
Ги постави своите деца на клучни позиции
Францускиот милијардер е 25 милијарди долари побогат од Маск, чиешто богатство е нарушено со купувањето на Твитер од 44 милијарди долари и падот на вредноста на компанијата за електрични автомобили Тесла за 50 отсто во изминатата година.
Маск е ко-основач, извршен директор на Tesla и поседува 13 отсто од акциите.
Безос, кој беше првиот човек кој достигна граница од 200 милијарди долари во август 2020 година, е трет најбогат човек во светот со богатство од 128 милијарди долари.
Арно е претседател и главен извршен директор на LVMH, кој поседува брендови како Луј Витон, Кристијан Диор и шампањот Moët.
Неговите акции скокнаа за повеќе од 150 отсто во изминатите три години, достигнувајќи ново највисоко ниво од 853 евра во средата.
Арно, кој беше ко-основач на групата за луксузни стоки пред 35 години и е нејзин мнозински акционер, неодамна ги назначи своите деца на клучни улоги во бизнисот.
Во јануари, неговото најстаро дете, ќерката Делфин, беше именувана за шеф на Кристијан Диор, вториот по големина бренд во империјата, а нејзиниот брат Антоан беше унапреден на чело на холдинг-компанијата што ги контролира LVMH и богатството на семејството Арно.
Неговите три помали деца имаат и важни работни места во најголемата светска компанија за луксузна стока, која вклучува брендови како Стела Макартни, TAG Heuer, Bulgari и Tiffany.