Списокот на недостиг на работна сила во Австрија за 2023 година е подолг од кога било досега, а покрај вообичаените готвачи, недостасуваат и електромеханичари, дипломирани инженери и бродски работници.
Недостигаат и сметководители, медицински сестри и персонал во техничките занимања.
Федералната листа на занимања во кои има дефицит на работна сила содржи 100 професии, а на регионалните списоци има 58.
„Со значително проширување на списокот на дефицитарни занимања, ги интензивираме напорите на најдобар можен начин да го решиме проблемот со недостигот на квалификувана работна сила“, истакна министерот за економија и труд Мартин Кочер, пренесува Танјуг.
Тој посочи дека таканаречениот „црвено-бел-црвен картон“ треба да го олесни доаѓањето на работна сила од странство за дефицитарните занимања.
Годинава во првите десет месеци се издадени 1.890 вакви дозволи за работа и престој, двојно повеќе од 2021 година.
Од Министерството за економија и труд објаснуваат дека постои можност за полесно добивање „црвено-бел-црвен картон“ а со тоа и пристап до пазарот на труд за оние со недостиг од работна сила.
Секоја година, на крајот на годината, Министерството за труд објавува список на дефицитарни занимања за следната година.
Минатата година на сојузната листа имало 66 дефицитарни занимања, а на регионалната листа 60.