Обединетите нации очекуваат бродовите натоварени со храна да ги напуштат пристаништата на Украина во четврток, изјави координаторот на договорот за извоз на жито на ОН Амир Абдула.
„Извозот на жито и прехранбени производи од Украина треба да продолжи. Иако не беа планирани бродови за 2 ноември како дел од иницијативата за жито во Црното Море, очекуваме натоварените бродови да испловат во четврток“, напиша Абдула на Твитер, а пренесе Ројтерс.
Рускиот претседател Владимир Путин му рекол на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган дека повторното пристапување на Русија кон договорот за жито е можно по истрагата за нападот на Севастопол и безбедносните гаранции на Украина, објави претходно прес-службата на Кремљ по телефонскиот разговор меѓу двајцата лидери.
Претседателот на Русија потсети и дека не е исполнет вториот дел од пакетот договор, кој требаше да го деблокира извозот на руски земјоделски производи и ѓубрива на светските пазари.
Русија во саботата објави дека го суспендира учеството во договорот за жито по нападот во Севастопол врз воените бродови на руската Црноморска флота и трговските бродови ангажирани за обезбедување на коридорот за жито.
Сите информации поврзани со најновите случувања со војната во Украина можете да ги прочитате ТУКА.