Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Куманово до јавноста лиферуваше соопштение во кое ги осудува изјавите на градоначалникот Зоран Дамјановски кои ги даде како реакција на пресот за комуналните проблеми поврзани со улицата „Крушевска Република“.
Сооштението го пренесуваме во целост.
Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Куманово остро ја осудува реакцијата на градоначалникот Дамјановски, изразена веднаш по конференцијата за медиумите на Општинскиот комитет од 11.03.2016 година, во врска со комуналните проблеми на улицата „Крушевска Република“.
Општинскиот комитет веќе престана да се изненадува од реакциите на кумановскиот градоначалник бидејќи сфати дека после секој наш обид за актуелизирање на горливите комунални проблеми со коишто секојдневно се соочуваат граѓаните на општина Куманово, градоначалникот користи ефтини политикантски техники, со цел, конструктивниот пристап на ВМРО-ДПМНЕ да го сведе на обично меѓупартиско препукување.
Искрено жалиме затоа што дури и во последната година од 12-годишниот мандат на Дамјановски, улицата „Крушевска Република“, како и повеќето во Куманово, остана неуредена, со што, на граѓаните од оваа улица им преостана да сведочат за неславниот рекорд од 72 години неефикасност!
Поттикнати од малициозната реакција на Дамјановски, Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Куманово заклучува дека сиве овие години, Зоран Дамјановски ги користи мачните проблеми на граѓаните за да спроведува своја лична кампања која нема врска со локалната самоуправа.
Господине Градоначалник,
Граѓаните сфатија дека Вашите „пролетни и есенски офанзиви“ и виртуелните промоции од типот: „Куманово се гради“ и „Европско Куманово“ (со безброј извичници зад нив) претставуваат брутални манипулации коишто ни го згазија достоинството и нè убедија сите до еден дека со Куманово управува однароден и крајно искомпромитиран политичар којшто ги одбројува последните месеци од својата неуспешна политичка кариера!