Општинскиот комитет на Гром денес на прес конференција повторно ја отвори темата за наводни сомнителни договори и тендерски постапки поврзани со јавниот градски превоз на учениците од Општина Куманово.
Како што велат иако бројот на ученици кои користат организиран превоз се намалува, како и цената на горивото, сепак трошоците се зголемуваат со што општината претрпува финансиска штета.
Советникот во Општина Куманово од редовите на Гром, др. Драги Караџински на прес конференцијата истакна дека за овој проблем побарал писмен одговор од градоначалникот, но како што истакна добил непрецизен одговор.
Од добиениот писмен одговор како и од увидот на сајтот на Бирото за јавни набавки при Министерството за финансии на Република Македонија сите наши ставови и сомненија за недомаќинското работење на нашата општина се потврдија. Имено во писмениот одговор Општина Куманово потврдува дека бројот на ученици кои користат превоз од учебната 201/2014 до учебната 2014/2015 е намален за 271 ученик. Логично би било и да се намалат средствата што се издвојуваат за превозот на ученици, но градоначалникот склучува договори во кои иако е намален бројот на учениците вредноста не се менува и повторно е во висина од милион и 370 илјади евра – рече др. Караџински.
Тој потенцираше дека во споменатата сума општината дотира околу 115.000 евра.
Таквиот според нас неповолен договор за превоз на ученици општината го склучила со Друштво за производство, трговија и услуги УПМ Груп ДООЕЛ Куманово. Оваа фирма на никој многу не ни е позната, не ни е позната како фирма која се бави со превоз, туку многу повеќе ја знаеме како фирма што се бави со градење стамбени објекти – потенцираше Караџински.
Тој додава дека споменатата фирма е основана истата година кога е склучен договорот на оваа фирма, чиј основач е ист како и на компанија ДПТТУ „Делукс“ ДООЕЛ.
Со ова фирма општината има договор за превоз на ученици со посебни образовни потреби со авто такси превоз во висина од 21.000 евра, а втората фирма е ДПТТУ „Делукс ауто“ ДООЕЛ Куманово која исто така има договор со Општина Куманово и се однесува за услуги за одржување и поправка на возила на Територијалната противпожарна единица Куманово и Општина Куманово во висина од 23 илјади евра – додава Караџински.
Советникот Драги Караџински истакна дека овие факти водат до заклучок дека општината, како што вели, работи недомаќински и расипнички.