Од вторник – Куманово повторно се соочува со недостиг на вода во високите зони

Сподели со своите пријатели

Само четириесет и пет од сто литри сирова вода е количината измерена на водомерите блиску до Филтер Станица во Куманово од почетокот на неделата, соопштува ЈП Водовод.

Loading...

Намалениот дотур по повторното пуштање на вентилите минатата недела бил измерен во вторник, и како последица, делови од село Черкези, Пчински пат, нас. Карпош и нас. Перо Чичо се соочуваат со намален притисок на вода, соопшти Горан Стојковски, директор на кумановското јавно претпријатие ”Водовод”.

– Досега, тоа што го имаме слушнато од Водостопанство е дека поради дефекти во бај – пас мрежата, претпријатието се соочува со губење на вода низ мрежната поставеност, но, веќе станува јасно дека се работи за класично затегање на вентилите од страна на Кумановско – липковско поле, како градот би се соочил со недостиг на вода, за што подоцна ќе биде обвинето нашето претпријатие. Ние редовно ги подмируваме нашите обврски кон Водостопанство, и штета е град од 100 000 жители да биде заложник на нечии фрустрации,  вели Стојковски.

На сметка на намален дотур на вода и слаб притисок, кумановчани, како што вели Стојковски, одбиваат да ги платат редовните сметки за вода, што донекаде е оправдано.

– Тоа што граѓаните од високите зони не ги подмируваат сметките поради намален дотур на вода е можеби оправдан чекор, но, тие не знаат дека во целиот сплет на околности, не сме виновни само ние како јавно претпријатие кое врши дистрибуција на вода за пиење низ градот. Наплатата за месец мај е намалена за речиси три милиони денари, што исто го очекуваме и за месец јуни и јули. Водостопанство слободно нека ги сопира вентилите, но ако ЈП Водовод не собира пари од сметки, тогаш, да не му биде чудно на Водостопанство ако и ние престанеме редовно да ги подмируваме нашите обврски кон нив, додава Стојковски.

Бај – пас системот со кој стопанисува ЈП Водостопанство  ”Кумановско – липковско поле”, уште познат и како четврта гранка е цевководен систем што дистрибурира вода од Липковска брана, која подоцна се преработува во Филтер Станицата, со намена да се врши дополнителен дотур во високите градски зони, објаснуваат од јавното претпријатие.