Националната установа Музеј Куманово, денеска објави повик за учество на академските уметници од Куманово, за учество на традиционалната изложба „Кумановски ликовни уметници 2022“, која ќе се одржи и годинава во рамки на ноемвриските денови во градот.
Крајниот рок за пријавување за учество е 15 октомври годинава.
-Ова е традиционална ликовна манифестација која се реализира во континуитет повеќе децении и единствена од таков вид во градот на која се презентираат кумановските академски ликовни уметници. И годинава очекуваме добар одѕив кај уметниците од Куманово. Низ годините учествувале голем број уметници од различна генерација кои придонеле за развој на уметноста на овој простор-изјави, виш кустос од НУ Музеј Куманово, Драгана Спасковска.
Секој учесник на изложбата потребно е да пријави едно ликовно дело (1), по можност неизложувано, од неговата најнова продукција. Со делото треба да бидат приложени податоци од авторот (биографија), насловот и димензиите. Изложбата ќе се реализира на 10 ноември годинава, при што ќе биде испечатен и каталог. Во текот на месец декември делата ќе бидат вратени на авторите.
Изложбата „Кумановски ликовни уметници“, традиционално се реализира од 1956-тата година до денес, во чест на Денот на ослободувањето на градот.