Новинарски пленум: Погребалниот венец е мафијашка порака од Фамилијата

Сподели со своите пријатели
Новинарскиот пленум со гнасење ја прими веста кога на домашна адреса на уредникот на ТВ Нова, Борјан Јовановски, во присуство на семејството му пристигнал погребен венец со натпис „Последен поздрав“ од извесен испраќач со кодно име Тодор Александров.
Овој умоболен чин кој длабоко го потресе семејството на нашиот колега и сите членови на Новинарскиот пленум, го сфаќаме како мафијашка порака од Фамилијата што ја владее Македонија до критичките медиуми и новинари – што не очекува сите од ред ако и се спротивставуваме на власта!
Медиумите под контрола на режимот на Груевски со денови објавуваат пропагандни памфлети полни со омраза и повик за линч против нашите колеги, новинари – членови на Новинарскиот пленум и авторите на критички текстови, поради што сметаме дека сносат директна одговорност за ваквите грозоморни закани.
Бараме од министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска во рок од 24 часа да ги пронајде испраќачите на погребниот венец, а од лидерот на ДПМНЕ и премиер да го осуди јавно овој морбиден чин и да ги повика своите медиумски и партиски џелати да ги запрат хајките против новинарите и да стават крај на оваа невидена политичка некрофилија!
Новинарскиот пленум најавува дека утре, точно во 12 часот пред Владата ќе го вратат погребниот венец кој вечерва непознато лице го донесе во домот на новинарот и уредник на НОВА, Борјан Јовановски. На овој начин новинарите ќе покажат дека не му се плашат на нарачателот на овој грозоморен чин, кој вечерва го вознемири семејството на Јовановски.

Leave a Reply