Наставничкиот и Средношколксиот Пленум од Куманово, денес масовно излегоа на улиците во Куманово во знак на протест против одлуката за воведување математика во државна матура, но и против лошите образовни реформи, велат тие.
Откако одржаа говори на градскиот плоштад, со извикување на пароли ”Ние сме иднината”, масата од градскиот плоштад се упати кон Регионалната канцеларија на Министерството за образование и наука спроти градскиот стадион во Куманово.
Никола Крстевски, член на Средношколскиот Пленум од Куманово, од градскиот плоштад се обрати до учениците и професорите со зборовите дека светот останува на младите, прашувајќи дали и македонските ученици не заслужуваат да имаат образование како нивните врсници во светот.
Маја Стојановска, професор по Македонски јазик и одговорно лице од Наставничкиот Пленум, се обрати пред учениците велејќи дека со денешниот протест, учениците покажале дека се зрели лица.
– Денес сме тука заедно за да ви докажеме дека добро сме ја завршиле нашата работа, вели Стојановска.
Откако пристигнаа пред Регионалната канцеларија на МОН, студентите со сирена и мегафони, извикуваа пароли ”Нема правда – нема мир”, во обид да издејствуаат средба со надлежните.
Средношколците со денешнато присуство само потврдија дека се свесни за сите досегашни манипулации од страна на МОН, изјави Никола Крстевски, ученик и член на Средношколскиот Пленум од Куманово, додавајќи дека досега е остварена една неформална средба со локалните претставници кои се оградиле од секаква одговорност да влијаат во конкретниот случај.
Средношколскиот и Наставнички Пленум за следната недела најавија нови форми на протест и бојкот против лошите образовни реформи, екстерното тестирање и воведување математика во државна матура.