Пет лица се убиени денеска во Домот за стари и изнемоштени лица на улицата Мажураниќева во Дарувар, Хрватска, а убиецот е уапсен, јавуваат хрватските медиуми.
Како што неофицијално дознава Јутарњи лист, напаѓачот е роден во 1973 година.
Влегол во домот со пиштол, а потоа ја убил мајка си, жители на домот, како и вработени.
Вкупно осум лица се повредени – пет се мртви, едно лице е во критична состојба, а две лица се надвор од животна опасност, јавува Јутарњи лист.
Mojportal.hr наведува дека уште пет лица се ранети и пренесени во болница.
Вработен во продавница во Дарувар за Дневник.хр изјави дека до него притрчале две лица од Домот за стари лица, едниот со повреда на окото, а другиот со куршум во градниот кош.
Му кажале дека во Домот дошол маж и пукал со пиштол кон работници и изнемоштени лица.
Работникот веднаш повикал брза помош, но и полиција, бидејќи повредениот го препознал убиецот и го видел како влегува во блиското кафуле, каде полицијата подоцна го фатила.
Во Дарувар денеска во текот на денот треба да дојдат функционери на хрватската влада, а по 14 часот во Сплит изјава ќе даде премиерот Андреј Пленковиќ.