Со два воза од Гевгелија, ноќеска на граничниот премин Табановце Железница, пристигнаа близу 700 мигранти кои во последните 24 часа беа заглавени во пограничната зона Игумени на македонско грчка страна.
Иако во медиумите се тврдеше дека од Гевгелија се пропуштаат само ранливи категории на мигранти, т.е жени и деца, во синоќешните возови, од Гевгелија допатува мешан состав на мигранти, кои беа пречекани од граѓанските активисти, при што им беше понудена храна, по некоја прекривка и овошје. Водата според граѓанските активисти била донирана од локалното население на Табановце.
Мигрантите до раните утрински часови останаа да преспијат на граничниот премин Табановце, откако од српска страна немаше пропуст кон Миратовац, од каде мигрантите со автобуси се транспортираат до прифатниот центар во Прешево.
Според исказите на локалното население во Табановце, ноќеска на српската страна, имало повеќе од педесетина полицајци што е невообичаено, но, со оглед на новите мерки од македонска страна, локалците велат дека најверојатно, Србите очекувале големиот бран бегалци одеднаш да пристигне на нивна страна.
На преминот Табановце, и покрај најавите на Владата за воведување кризна состојба и на северната граница, не биле воочени трупи на АРМ и Единицата за брзо распоредување на МВР.