Судан се соочува со генерациска катастрофа, бидејќи околу седум милиони деца не одат на училиште поради поплавите, гладот и нестабилната ситуација во таа земја, објави денеска Гардијан.
Хуманитарните групи предупредуваат дека третина од децата во Судан не одат на училиште, додека останатите немаат доволно наставници.
Најтешка е ситуацијата во Централен Дарфур, каде 63 отсто од децата не одат на училиште, потоа 58 отсто во Западен Дарфур и 56 отсто во Источна Касала.
Според УНИЦЕФ, во Судан 70 отсто од 10-годишните деца не можат да читаат едноставна реченица.
Училиштата во делови на Судан повторно беа отворени оваа недела откако беа затворени поради поплави, но милиони деца сè уште не можат да одат на училиште.
Сиромаштијата, недостатокот на квалификуван наставен кадар, штрајковите на наставниците, пандемијата на корона и ниските стапки на вакцинација се некои од факторите кои придонесоа за кризата во образованието во Судан.
Поплавите и полициските рации уништија повеќе од 600 училишта во август и септември, соопшти суданското Министерство за образование.