За време на новогодишните и божиќните празници, царинските службеници откриле два случаи на царинска измама и повеќе обиди за криумчарење, информираат од Царинската управа на Република Македонија.
Притоа, привремено се задржани девизи, возило со бункер за криумчарење, автоделови, лекови, средства за лична хигиена, масла од разни билки, чаеви, огномети, цигари, облека и фалсификати и др.
На градничниот премин Табановце биле откриени неколку обиди за шверцување и измама.
Цариниците на Табановце откриле патничко возило со шведски регистарски таблички во кое имало специјално подготвен бункер наменет за криумчарење.
Возило, инаку управувано од албански државјанин, се пријавило за излез од државата на граничниот премин Табановце автопат. При извршената контрола, во просторот под багажникот помеѓу левото задно тркало и браникот, бил откриен специјално конструиран бункер со електронска брава.
Согласно законските прописи возилото е привремено задржано, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.
Октирен бил и комплет од белгиски регистарски таблички, две сообраќајни дозволи и зелен картон,од страна на мобилните царински тимови, при контрола на белгиски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за излез од државата на граничниот премин Табановце автопат.