Мразот на антарктикот падна на рекордно ниско ниво оваа година поради високите температури и нема брз лек за да се отстранат штетите, велат научниците оваа недела во студијата за влијанието на климатските промени на континентот.
Минималната ледена покривка на континентот падна под два милиони квадратни метри минатата година, за прв пат од почетокот на мерењата на сателитите во 1978 година, и падна на уште пониски нивоа овој февруари, според студијата објавена во списанието Frontiers in Environmental Science.
„Нема брзо решение“
„Ќе бидат потребни децении, ако не и векови, за овие работи да закрепнат. Не постои брз лек за замена на овој мраз“, вели Ана Хог, професорка на Универзитетот во Лидс и еден од коавторите на студијата.
„Тоа секако ќе потрае многу време, ако воопшто е можно“, им нагласи таа на новинарите.
Овогодинешниот минимум мраз е за 20 отсто помал од 40-годишниот просек, што е еквивалентно на загуба на морски мраз речиси 10 пати поголема од големината на Нов Зеланд, рече Тим Наиш, директор на Истражувачкиот центар за Антарктикот на Новозеландскиот универзитет Викторија во Велингтон.
„Во некои случаи, се приближуваме до точките од кои нема враќање, кои штом еднаш ќе се поминат, ќе доведат до неповратни промени со незапирливи последици за идните генерации“, предупреди Наиш.
Глобалното затоплување го направи Антарктикот послаб
Глобалното затоплување предизвикано од согорувањето на фосилните горива го направи Антарктикот поранлив на екстремни настани и тоа влијание „речиси сигурно“ ќе се влоши, се вели во студијата.
Климатските промени „ќе доведат до зголемување на големината и фреквенцијата“ на топлотните бранови, колапсот на ледената покривка и намалувањето на морскиот мраз, се додава, врз основа на неодамнешните докази од научните студии за океанот на Антарктикот, атмосферата, криосферата и биосферата.
Точното влијание на климатските промени врз Антарктикот и околниот океан е неизвесно, а научниците се мачеа да измерат колку глобалното затоплување влијае на дебелината на мразот на Антарктикот.
Најголемо отстапување досега
Но, „научно разумно“ е да се претпостави од феномени како што е забрзаното намалување на морскиот мраз дека екстремните настани ќе се интензивираат со зголемувањето на температурите, рече Мартин Зигерт, глациолог од Универзитетот во Ексетер, друг автор на студијата.
Минатата година „атмосферска река“ од Австралија донесе суптропска топлина и влажност на континентот, предизвикувајќи температурите да достигнат 38,5 степени над нормалата, што е најголемото отстапување досега.