Москва под најголем напад со дронови во последните две години

Сподели со своите пријатели

Руските функционери пријавија еден од најголемите напади со беспилотни летала врз Москва од почетокот на инвазијата на Украина.

Според градоначалникот Сергеј Собјанин, повеќе од 430 беспилотни летала биле испратени во Московскиот регион, што довело до привремени ограничувања на аеродромот Шереметјево.

Од вкупниот број, 36 беспилотни летала биле соборени во близина на главниот град, тврди Собјанин, како што објави Киев Пост.

„Испратени се повеќе од 430 дрнови“

Градоначалникот Собјанин неколку пати се јави на Телеграм. Прво во 2:40 часот по локално време, известувајќи дека руската воздушна одбрана пресретнува бранови беспилотни летала.

До утрото, тој потврди дека помеѓу вечерта и 6 часот наутро, повеќе од 430 беспилотни летала летале кон Московскиот регион.

„Повеќето од нив биле неутрализирани на далечни пристапи“, рече Собјанин, додавајќи дека 36 беспилотни летала биле соборени додека се приближувале кон Москва.

Тој, исто така, пријавил дека паѓале остатоци во неколку наврати, но без детали за жртви или штети.

Руското Министерство за одбрана потоа објави дека вкупно 452 украински беспилотни летала биле соборени над сите руски региони во текот на ноќта.

Според државната новинска агенција ТАСС, ноќниот напад врз главниот град бил најголемиот во последните две години.

Ограничувања на воздушниот сообраќај

Нападот предизвика привремени ограничувања во воздушниот простор на аеродромот Шереметјево, каде што летовите беа дозволени само по координација со воздухопловните власти.

Во последните месеци, нападите со украински беспилотни летала со долг дострел сè повеќе достигнуваа до Москва, постојано нарушувајќи го воздушниот сообраќај и таргетирајќи ја стратешката инфраструктура.

Зеленски: Нападите врз Москва би можеле да го забрзаат крајот на војната

Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно изјави дека зголемените напади со беспилотни летала врз Москва би можеле да го забрзаат крајот на војната.

Тој верува дека ако нападите врз рускиот главен град продолжат и станат поголеми, претседателот Владимир Путин и неговиот најблизок круг ќе бидат принудени подиректно да се соочат со последиците од војната.

Според Зеленски, откако шефот на Кремљ ќе ги види ваквите напади со свои очи, советниците на Путин веројатно ќе почнат да го убедуваат да се пресели „некаде надвор од Урал“.

„Колку е подалеку Путин од Москва, толку поблиску ќе биде крајот на војната“, додаде украинскиот претседател.