Вселенско летало кое треба да го спаси застарениот вселенски телескоп Свифт на НАСА се соочи со сериозен проблем за време на сопствената мисија.
Компанијата „Каталист Спејс Технолоџис“ вчера објави дека нејзиниот сателит „Линк“ имал проблеми со погонските мотори и се вртил неконтролирано, што ја отежнало комуникацијата со вселенското летало.
Проблемите се појавија во текот на викендот, три недели откако роботското вселенско летало со три роботски раце беше лансирано во орбитата.
Стартапот изјави дека неговите инженери работат нон-стоп за да го поправат дефектот за да може „Линк“ да ја продолжи својата мисија, да го пресретне телескопот Свифт и да го подигне во повисока орбита. Без помош, „Свифт“ треба да се сруши назад на Земјата оваа есен.
„Свифт“ губи надморска височина побрзо од очекуваното
НАСА плаќа 30 милиони долари за оваа мисија за спасување, а проектот е дизајниран и подготвен за помалку од една година.
Телескопот „Свифт“ беше лансиран во 2004 година, но поради зголемената сончева активност во последните месеци, губи надморска височина побрзо од очекуваното.
Треба што поскоро да се подигне во повисока орбита за да може да продолжи да го набљудува универзумот и да ги бележи некои од најенергичните космички експлозии, вклучувајќи гама-зраци и ѕвездени експлозии.
Дотогаш, сите научни набљудувања се привремено суспендирани.
Ни „Каталист“ ниту НАСА засега не се откажуваат од мисијата. Според компанијата, сите други клучни системи на вселенското летало „Линк“ работат правилно.
„Мисијата е сè уште активна и веруваме дека, и покрај овие промени, „Линк“ сè уште има реални шанси да се сретне со телескопот „Свифт“, соопшти „Каталист Спејс Технолоџис“.

