Германскиот канцелар Фридрих Мерц денес изјави дека колапсот на стариот глобален поредок ги загрозува интересите на средните сили во Европа и Азија и повика на зајакнување на соработката и поврзување на трговските договори меѓу двата региона.
Мерц за време на посетата на Сингапур изјави дека Европската Унија, со 450 милиони потрошувачи, поактивно бара партнерства за проширување на слободната трговија врз основа на отворена конкуренција, доверба и правила, како одговор на ограничувањата на глобалната трговија, објави Ројтерс.
„Ова е свесен контраст со она што го гледаме во моментов. Сакаме да ги правиме работите поинаку и да покажеме дека постои подобар начин“, рече Мерц на прес-конференција.
Тој ја повика ЕУ подобро да ги координира постојните билатерални трговски договори со партнери како Сингапур, Малезија, Индонезија и Индија, со цел да се создадат подобри можности за европските компании во регионот.
Премиерот на Сингапур, Лоренс Вонг, изјави дека кога неговата земја ќе го преземе претседателството со Асоцијацијата на земјите од Југоисточна Азија (АСЕАН) во 2027 година, ќе работи на унапредување на преговорите за договор за слободна трговија меѓу АСЕАН и ЕУ.
ЕУ веќе има билатерални договори за слободна трговија со неколку членки на АСЕАН, додека преговорите со други земји се во тек.
„Свесни сме дека ќе биде предизвикувачко. Комплексно е, но можеме да имаме одредена доза на оптимизам за понатамошен напредок“, рече Вонг.
Тој, исто така, изјави дека ЕУ ќе биде подготвена да се приклучи на иницијативата на АСЕАН за поврзување на енергетските мрежи и интензивирање на соработката во областа на одбраната и безбедноста.
Како една од можните рамки за проширување на трговската соработка, Мерц го спомена и Сеопфатниот и прогресивен договор за Транс-Тихоокеанско партнерство (CPTPP), кој вклучува 12 земји, вклучувајќи ги Јапонија, Велика Британија, Канада, Мексико, Австралија, Сингапур и Малезија, пренесува Танјуг.

