Медиумите ги објавија фотографиите од приведените лица во вчерашната акција на МВР за сузбивање на помагачи на парамилитантни структури на ИСИЛ во Блискиот Исток спроведена во Скопје, Куманово, Гостивар и Струга.
Според објавените иницијали, помеѓу деветте приведени лица, нема жители на Куманово, односно, приведени беа: М. Р. (1979) од Скопје, А. А (1988) од Тетово, Д. А. (1984) од Скопје, Д. А. (1984) од Скопје, Ш.М. (1987) од Гостивар, Р.Е. (1979) од Скопје, И. М. (1978) од Скопје, А. З. (1988) од Скопје, Е. С. (1984) од Скопје.
Врз основа на повеќемесечната истрага и обезбедени материјални докази, заради превземање на координирани мерки и активности и дополнително обезбедување на материјални докази и кривично правно санкционирање на инволвираните лица, врз основа на претходно изготвен план за реализација, вчеранаутро во 03,30 часот отпочна антитерористичката акција на терен.
По добиените наредби од Судија на претходна постапка, извршени се вкупно 28 претреси од кои 21 претреси на дом и други простории во Скопје, 4 во Гостивар и по еден во Тетово, Куманово и Струга, кај вкупно 24 физички лица и 4 објекти. Меѓу четирите објекти беше „Фастнет“ – интернет кафе во Скопје, придружните објекти на Тутунсуз џамија, како и просториите на невладините организации „Искра на милоста“ и „Исламска младина-Сарај“.
За време на акцијата 9 лица се обезбедени, а по уште 27 кои се опфатени со истрагата се трага. Според оперативните сознанија со кои располага министерството, 20-тина сеуште се наоѓаат на боиштата главно во Сирија.