Претседателот на Светска банка, Дејвид Малпас, во интервју за германскиот весник „Ханделсблат“, изјави дека пандемијата на Ковид-19 во некои земји од светот може да предизвика должничка криза, па затоа порача дека инвеститорите мора да бидат подготвени да се вклучат и да им помогнат.
„Очигледно е дека некои земји не можат да го отплаќаат долгот што го зедоа. Затоа, мора да го намалиме нивото на долг. Тоа може да се нарече простување на долгот или негов отпис“, кажа Малпас за „Ханделсблат“.
Според него, важно е намалувањето на долгот да се одвива преку преструктуирање, потсетувајќи на сличните иницијативи за време на претходните финансиски кризи.
Британските медиуми ги пренесуваат стравувањата на експертите дека пандемијата може да однесе 100 милиони луѓе во екстремна сиромаштија, а притоа директорот на Светската банка го повтори својот повик дека во излезот од овој тип на проблем треба да се вклучат приватните банки и инвестициски фондови.
Тој предупреди дека пандемијата може да предизвика уште една должничка криза кај земјите во развој бидејќи тие веќе западнаа во спиралата на слаб раст и финансиски проблеми.
Сашко Димевски