Во Клубот на пратеници денес ќе се одржи нова лидерска средба на претседателите на четирите најголеми партии, Никола Груевски, Зоран Заев, Али Ахмети и Мендух Тачи. Средбата, повторно ќе биде со посредство на амбасадорите на ЕУ и САД, Аиво Орав и Џес Бејли.
– Средбите продолжуваат, ние сме пред финални разговори, дефиниран е предлог-датум до кој треба да постигнеме договор, како и рокови во кои ќе се движиме и до крајот на месецов очекуваме да биде постигнат договор – рече синоќа Заев во интервју за 24 Вести.
Очекувано е на денешната лидерска средба евроамбасадорот Орав да го презентира Извештајот што го подготви експертски тим на Европската Комисија, предводен од поранешниот директор на Директоратот за Западен Балкан, Рајнхард Прибе.
Неофицијално, извештајот содржи серија остри критики за власта, кои се своевидна потврда на откритијата кои ги донесоа опозициските „бомби“, и тоа во следните области – УБК, судството, Омбудсманот, изборите и медиумите во Македонија.
Извор: Либертас.мк