Либанскиот парламент денеска по 13-ти пат повторно ќе се обиде да избере претседател на земјата, а командантот на либанската армија Џозеф Аун во моментов е водечки кандидат.
Иако претходните обиди за избор на претседател пропаднаа 12 пати откако мандатот на поранешниот претседател Мишел Аун истече во октомври 2022 година, постојат индикации дека денешното гласање конечно може да и донесе на земјата нов претседател, објави АП.
Аун се смета за најпосакуван кандидат за САД и Саудиска Арабија, чија помош за Либан тешко дека ќе биде доволна за обнова на земјата по 14-месечен конфликт со Израел и Хезболах, посочува агенцијата.
Хезболах поддржа друг кандидат, Сулејман Фрањи, лидер на христијанска партија од северен Либан со блиски врски со поранешниот сириски претседател Башар ал Асад.
Сепак, Фрањи вчера објави дека се повлекува од претседателската трка и дека му дава поддршка на Аун.
Иако Аун е актуелен командант на армијата, според либанскиот устав тој технички не може да стане претседател.
Според утврдените правила, претседателот во Либан се избира со двотретинско мнозинство во 128-члениот парламент во првиот круг од гласањето или со просто мнозинство во следниот круг.
Сепак, поради уставните проблеми со кандидатурата, Аун ќе треба да освои двотретинско мнозинство во вториот круг од гласањето.
Меѓу другите потенцијални кандидати се Џихад Азур, поранешен министер за финансии, кој моментално раководи со Одделот за Блискиот Исток и Централна Азија во Меѓународниот монетарен фонд, и Елиас Ал-Бајсари, вршител на должноста шеф на либанската Агенција за општа безбедност.
Изборот на претседател е клучен за назначување постојан премиер и формирање на нова влада.
Привремената влада која во моментов управува со Либан две години има ограничени овластувања, бидејќи не беше назначена од актуелниот претседател.
Либан веќе шест години е во длабока економска и финансиска криза, која ја уништи вредноста на либанската валута и ги девалвира заштедите на многу Либанци, истакнува Ројтерс.
Земјава со струја се снабдува само по неколку часа дневно, додека енергетската компанија е во големи долгови.