Кристијан Томевски од Кик-бокс клубот Куманово освои бронзен медал на Балканското првенство кое викендов се одржа во Нови Сад, Србија, настапувајќи како дел од македонската репрезентација.
Неговиот клупски колега Дамјан Блажевски, пак, го заврши настапот во четвртфиналето, по успешните борби во силна конкуренција.

Според тренерот на клубот, Сашо Илиевски, двајцата натпреварувачи покажале храброст, дисциплина и пожртвуваност во текот на натпреварите.
„Задоволен сум од прикажаните борби и од освоениот бронзен медал на Кристијан Томевски, но и од настапот на Дамјан Блажевски кој стигна до четвртфиналето. И двајцата имаа противници од Србија. Со оглед на конкуренцијата и големиот број натпреварувачи, ова го сметам за голем успех“, изјави Илиевски.
Тој додаде дека македонската репрезентација освоила околу 60 медали и била меѓу најбројните и најуспешните селекции на шампионатот.
„Првенството беше организирано на високо ниво, а ние како репрезентација покажавме единство, тимски и спортски дух, со што ги освоивме симпатиите на навивачите во Нови Сад“, истакна Илиевски.

Успехот на Томевски и настапот на Блажевски претставуваат уште една потврда за квалитетната работа во КБК Куманово и придонесот на клубот во успесите на македонскиот кик-бокс на меѓународната сцена.

Никола Ивановски

