Француската железничка компанија (SNCF) соопшти дека нејзината брза железничка мрежа била нападната за да се парализира системот на денот на отворањето на Олимписките игри.
Наведоа дека пожарите се подметнати со цел да се оштети железничката инфраструктура и објекти.
Извор близок до истрагата изјави за АФП дека нападот вклучувал акти на саботажа.
Неколку брзи линии на запад, север и исток од Париз беа цел на нападот, а долги колони се формираа на железничката станица Монпарнас.
„Пожарот ги оштети инсталациите, а нашите тимови се веќе на лице место за да извршат проценка и да започнат со поправки“, соопшти SNCF, додавајќи дека станува збор за „масовен напад чија цел е парализирање на железничката мрежа“.
Повеќе брзи возови ќе бидат пренасочени кон „конвенционалните линии“. Нормализирање на сообраќајот се очекува дури во понеделник.
Патрис Вергрите, министерот за транспорт, го осуди ова како „криминален чин“ и рече дека тоа ќе влијае и на празниците на луѓето.
Амели Удеа Кастера, министерка за спорт, изјави дека станува збор за „страшен напад“ и дека моментално се проценува влијанието врз граѓаните, но и врз самите спортисти.