Смртта на Дарија Дугина, 29-годишната ќерка на рускиот националистички идеолог Александар Дугин, го сврте вниманието од боиштата во Украина во предградие на Москва, каде што нејзиниот автомобил беше разнесен, убивајќи ја на лице место.
Руската служба за безбедност (ФСБ) објави дека Украина стои зад убиството и дека осомничениот – наводно украински државјанин – ги следел Дугина и нејзиниот татко на фестивал во московски кварт за да го изврши нападот, но подоцна побегнал во соседна Естонија, пред отколку таа да биде уапсена.
Сепак, украинските власти ја отфрлија оваа теорија и негираа вмешаност.
Михаил Подољак, советник на украинскиот претседател, ја опиша верзијата на ФСБ за убиството како „руска пропаганда од светот на фикцијата“.
Наместо тоа, Киев вели дека внатрешните политички борби на Русија стојат зад нападот.
Рускиот претседател Владимир Путин го осуди „гнасното, сурово злосторство“ и постхумно ја одликуваше Дугина со Орден за храброст.
Нејзиниот 60-годишен татко Александар Дугин ѝ оддаде почит на комеморацијата во Москва во вторникот, велејќи:
„Таа го даде својот живот за руската победа на фронтот. И тој фронт е тука“.
Која беше Дарија Дугина?
Дарија Дугина не беше познато име во Русија, но таа и, особено, нејзиниот татко често се појавуваа во медиумите, изразувајќи антиукраински и антизападни ставови.
Нејзиниот татко, Александар, понекогаш се опишува како „мозокот на Путин“ и долго време се залага за антизападна, ултранационалистичка филозофија што го направи истакната фигура во Москва, иако тој лично не извршува никаква политичка функција.
Верувањата на основачот на таканареченото евроазиско движење се популарни меѓу руската политичка елита.
Во центарот на геополитичката теорија на Дугин е ставот дека мисијата на Русија е да се спротивстави на американската доминација во светот, со помош на Иран, како и евроскептичните партии.
Многумина во Русија веруваат дека вистинската цел на нападот викендов бил Александар Дугин, бидејќи требало да патува во истото возило, но во последен момент ја сменил одлуката.
Во исто време, самата Дарија беше активен глас на идеите на нејзиниот татко, како чест гостин на многу руски телевизии и канали на YouTube.
Пишуваше и за многу провладини публикации и беше активна на социјалните мрежи.
Во согласност со идеологијата на нејзиниот татко, таа зборуваше за формирање на руски „Голем простор“ низ Евроазија, почнувајќи од Источнословенскиот сојуз, кој ќе се состои од Русија, Украина и Белорусија.
Родена во 1992 година, Дугина студирала филозофија на престижниот московски државен универзитет.
Руските медиуми ги цитираат нејзините професори кои велат дека таа се стекнала со репутација на талентирана и интелигентна студентка.
Од 2012 до 2013 година студирала на Универзитетот во Бордо во Франција, каде што се фокусирала на античкиот грчки филозоф Платон, чии дела станале предмет на нејзината теза и фокус на нејзините постдипломски истражувања.
Руската независна веб-страница Медуза разговараше со неколку пријатели на Дугина кои ја познаваа во средината на 2010-тите.
Ја опишуваат како топла и отворена млада жена со која делеле интерес за електронската музика.
Некои дури настапувале со неа во истата група каде Дугина свирела на флејта.
„Таа беше интересен соговорник, многу паметна, а сепак поседуваше речиси детска невиност“, изјави еден од пријателите на Дарија за руската независна веб-страница Медуза.
„Таа остави впечаток дека можеме да зборуваме за се, но никогаш за идеите на нејзиниот татко. Не затоа што ги избегнуваше, туку затоа што беше многу повеќе од тоа – добро знаеше литература и филм, имаше софистициран вкус“.
Татко на националистите
Во тоа време, таткото на Дарија, веќе познат по својата националистичка и антиукраинска идеологија, стана уште поистакнат.
Во 2014 година се појави видео на кое Дугин зборува на руски: „Мојот став е да се убивааат, убивааат, убивааат Украинци, за ништо друго не станува збор“.
Тој коментар налути многу Руси.
Повеќе од 10.000 луѓе потпишаа петиција за негово отстранување од функцијата шеф на Катедрата за социологија и меѓународни односи на Московскиот државен универзитет, што на крајот доведе до негово разрешување.
САД и Канада му воведоа санкции во 2015 година поради неговата наводна улога во анексијата на Крим.
Набргу потоа, велат нејзините пријатели, Дарија Дугин ја привлекла Руската православна црква, што изненади некои од нејзините прозападни пријатели во Москва, а тие пријателства се заладиле.
„Постепено, таа стана следбеник на идеите на нејзиниот татко за поголема Евроазија и престанавме да се дружиме“, објасни еден пријател, според веб-страницата Медуза.
Проруска инвазија на Украина
Во последниве години, Дарија Дугина почна да се појавува на различни руски телевизиски канали, како и да пишува за провладини веб-страници, често коментирајќи ја европската политика и изразувајќи поддршка за политичките сили што ги опиша како „нова десница“ и предвидувајќи ја нивната победа над либералите.
Во колумна од 2018 година за Russia Today, руски државен пропаганден медиум, Дугина напиша за падот на Емануел Макрон како француски претседател и изрази силна поддршка за екстремно десничарската политичарка Марин Ле Пен.
Во времето на француските претседателски избори во 2017 и 2022 година, таа пишуваше за надежите на Марин Ле Пен за победа.
Во сите овие медиумски настапи Дугина го користела псевдонимот „Платонова“, наводно изразувајќи ја својата посветеност на античкиот грчки филозоф Платон.
Во ноември минатата година, откако Русија почна да собира војници на границата со Украина, Дугина ја опиша Украина како „санитарна граница“ меѓу Русија и Западот.
По почетокот на руската инвазија, Дугина силно ја поддржа, пишувајќи дека тоа е „остварување на империјата“, пишува ВВС.
Во јули таа беше ставена на листата на санкции на Велика Британија како „чест и истакнат распространувач на дезинформации за Украина“.
Во средината на јуни, таа ја посети железарницата Азовстал, откако градот беше целосно окупиран од руските сили по долгата опсада на Мариупол.
Непосредно пред атентатот, таа соработуваше со ултрадесничарската руска издавачка куќа „Црна стотка“ на претстојното објавување на книгата Z, која издавачите ја опишаа како „збирка сведоштва и приказни на учесници и очевидци“.
Буквата „Z“ стана симбол на руската инвазија на Украина, при што со оваа буква беа означени воените возила и воените униформи во изминатите шест месеци.
Сите информации поврзани со најновите случувања со војната во Украина можете да ги прочитате ТУКА.