Телото на Украинка осомничена за бомбашки напад врз бизнисменот Вадим Јермолаев во Монако е пронајдено закопано во близина на Киев, објави „Украинска правда“, повикувајќи се на извори во украинските агенции за спроведување на законот.
Според тој портал, телото на жената е откриено на 6 јули околу 23 часот, а првите резултати од истрагата укажуваат дека таа е убиена со огнено оружје.
Официјалните институции на Украина досега не објавија повеќе детали за местото каде што е пронајдено телото или за можниот мотив за убиството.
Во врска со овој случај, две лица се приведени, според изворите на „Украинска правда“.
Едно од осомничените наводно е активен службеник на Главната дирекција за разузнавање на Министерството за одбрана на Украина, додека другото претходно работело во органите за спроведување на законот.
Според достапните податоци, осомничениот ја напуштил Украина на 22 март 2025 година и се вратил во земјата на 1 јули оваа година, веднаш по нападот во Монако.
Интерпол претходно објави црвена потерница по 39-годишната украинска државјанка Анастасија Березовски, која властите во Монако ја сомничат за обид за убиство, злосторничко здружување и поставување експлозивна направа на јавно место.
Експлозивната направа беше активирана на 29 јуни, непосредно пред 21 часот, на влезот во станбена зграда во Монако.
Јермолаев, неговата придружничка Ана Насобина и тринаесетгодишно момче беа повредени во нападот.
Властите на кнежевството започнаа истрага за обидот за убиство, наведувајќи дека станува збор за однапред смислен и насочен напад.
Истражителите веруваат дека Березовска, преправена во маж, оставила експлозивна направа пред зградата, а потоа ја активирала од далечина кога жртвите стигнале до влезот.
По нападот, таа наводно избегала преку Босолеј, Франција, а потоа го продолжила своето патување низ Италија до Германија.
Истрагата за организаторите и мотивите на нападот сè уште е во тек. Откривањето на телото на главниот осомничен и апсењето на лица поврзани со украинските безбедносни структури би можеле да отворат нов правец на истрагата, но украинските власти сè уште не ги потврдиле овие наводи.

