Три ученички од кумановската гимназија со иновативна идеја за полесно и поекономично пазарување се пласираа меѓу 120-те најдобри проекти во Македонија на натпреварот „Средношколец милионер“.
Софија Илиевска, Милица Момевска и Ева Томиќ учествуваат со проектот „Цена на дланка“ – дигитална платформа чија цел е да им овозможи на граѓаните брзо и едноставно да ги споредуваат цените на производите во различни маркети.
Идејата произлегува од секојдневниот предизвик со кој се соочуваат голем број семејства – како да ги набават потребните производи по најповолни цени и да заштедат дел од семејниот буџет.
Преку платформата, корисниците би можеле да пребаруваат производи, да ги споредуваат нивните цени во различни маркети, да ги следат актуелните попусти и да дознаат каде можат да ја купат целата своја кошничка по најниска цена.
Дополнителна можност е скенирање на фискалните сметки, со што информациите за цените би се ажурирале постојано, овозможувајќи попрецизен и поактуелен преглед на понудата.
За трите кумановски средношколки, учеството на натпреварот е многу повеќе од можност за освојување награда. Преку проектот сакаат да покажат дека младите можат да препознаат реални општествени проблеми и да понудат практични решенија кои би имале директна корист за граѓаните.
Следува јавно гласање – потребна е поддршка од граѓаните
Откако се пласираа меѓу ТОП 120 идеи во Македонија, на Софија, Милица и Ева сега им претстои следната фаза од натпреварот, во која за пласман понатаму ќе им биде потребна поддршката од јавноста.
Граѓаните можат да ја поддржат нивната идеја преку гласање на линкот ТУКА.
Со поддршка на нивната идеја, кумановските гимназијалки добиваат можност да направат уште еден чекор кон реализација на проект што би можел да им го олесни секојдневното пазарување на многу граѓани.
Никола Ивановски

