Кина денеска испрати воени бродови и десетици борбени авиони во Тајван и почна воени вежби како одговор на средбата меѓу претседателката на Тајван и претседателот на Претставничкиот дом на САД претходно оваа недела, соопшти владата на островот.
Ова го означи почетокот на воените вежби „Обединет меч“ околу Тајван, кои ќе траат до понеделник, а кои Кина ги смета за неопходни за „одбрана на националниот суверенитет и територијален интегритет“.
Во близина на Тајван денеска беа забележани осум воени бродови и 42 авиони, од кои 29 ја преминаа средната линија на теснецот што го дели островот од копното, соопшти тајванското Министерство за одбрана.
Меѓу авионите се млазните ловци Ченгду Ј-10, Шенјанг Ј-11 и Шенјанг Ј-16.
„Го осудуваме таквиот ирационален чин кој ја загрозува регионалната безбедност и стабилност“, се вели во соопштението на тајванското Министерство за одбрана.
Тајванската претседателка Цаи Инг-вен и претседателот на Претставничкиот дом на САД Кевин Мекарти се сретнаа во четвртокот во Калифорнија, а дури и пред средбата Кина се закани со „решителни контрамерки“ доколку тоа се случи.
Од граѓанската војна во 1949 година, Тајван сака независност од Кина, која го смета за дел од својата територија и ја осудува секоја форма на политичка комуникација со владата на островот. Кина тврди дека ќе го задржи Тајван на своја територија „дури и со сила“.
Пекинг во петокот воведе забрана за патување и финансиски санкции за поединци поврзани со посетата на претседателот на Тајван на САД.
Војската на Тајван соопшти дека се активирани системи за ракетна одбрана и дека се испратени воздушни и поморски патроли за следење на кинескиот авион.
Сите информации поврзани со најновите случувања во Тајван можете да ги прочитате ТУКА.