Кинеското Министерство за одбрана денеска ја предупреди Холандија да се воздржи од поморски и воздушни операции во Источното Кинеско Море, откако холандското Министерство за одбрана соопшти дека кинески воени ловци прелетале над холандска фрегата во Источното Кинеско Море и, како што се вели, „предизвикале потенцијално небезбедна ситуација“.
„Длабоко жалиме за зборовите и постапките на Холандија“, изјави портпаролот на кинеското Министерство за одбрана Џанг Ксијаоганг, пренесе Ројтерс.
Џанг го оцени како „лажно тврдење“ најавата на холандското Министерство за одбрана дека фрегатата „HNLMS Tromp“ патролирала и спроведува санкции на Обединетите нации против Северна Кореја.
Џанг истакна дека холандската фрегата создаде тензии меѓу двете земји пловејќи во водите за кои претендира Кина и дека „кинеската страна решително ќе се спротивстави на провокациите“.
Во петокот кинески борбени авиони прелетаа над холандска фрегата, а холандското Министерство тврди дека инцидентот се случил во меѓународни води, јавува Ројтерс.