Кина ја оцени препораката на Светската здравствена организација (СЗО) подетално да истражи дали корона вирусот протекол од кинеска лабораторија како политички мотивирана лага.
Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи Жао Лиџијан, исто така, ги отфрли обвинувањата дека Кина не соработува целосно со СЗО, велејќи дека ја поздравува научно заснованата истрага, но ја отфрла „политичката манипулација“.
Тој повика на истрага за „многу сомнителни лаборатории како Форт Детрик и Универзитетот во Северна Каролина“ во САД, за кои Кина, но без докази, тврдеше дека го развиваат корона вирусот како биолошко оружје.
„Теоријата за лабораториско истекување е целосна лага измислена од антикинеските сили за политички цели, која нема никаква врска со науката“, изјави Жао на новинарите.
Тој додаде дека Кина дала голем придонес во следењето на вирусот, споделувајќи најмногу податоци и резултати од истражувањето.
Група експерти собрана од СЗО за да помогнат во истражувањето на потеклото на пандемијата на коронавирус вчера изјавија дека се потребни дополнителни истражувања за да се утврди како настанал коронавирусот, вклучително и подетална анализа на можноста дека се работи за несреќа во лабораторија.
Ставот означува остар пресврт на првичната проценка на Здравствената агенција на ОН за потеклото на пандемијата, кога минатата година заклучи дека е „исклучително малку веројатно“ луѓето во лаборатории да биле заразени со корона вирусот.