СЗО: Темелно да се проучи теоријата за истекување на ковид-19 од лабораторија

Сподели со своите пријатели

Две години откако коронавирусот првпат беше откриен во Кина и откако беа регистрирани најмалку 6,3 милиони смртни случаи од пандемијата ширум светот, Светската здравствена организација (СЗО) најконкретно препорача потемелно испитување на можноста за неговото потекло од лабораторија.

Loading...

Експертската група формирана од СЗО за да помогне во истражувањето на потеклото на пандемијата на коронавирус рече дека е потребно дополнително истражување за да се утврди како настанал ковид-19, вклучително и подетална анализа на можноста дека станува збор за лабораториска несреќа.

Тој став означува остар пресврт на првичната проценка на Здравствената агенција на ОН за потеклото на пандемијата, бидејќи СЗО минатата година заклучи дека е „исклучително малку веројатно“ Ковид-19 можел да „прелета“ на луѓето од лабораторија.

Многу научници ја доведуваат во прашање претпоставката дека корона вирусот на луѓето се пренесувал од лилјаци, веројатно преку други животни.

Во извештајот објавен во четвртокот, експертската група на СЗО рече дека сè уште недостасуваат „клучни податоци“ за да се објасни како започна пандемијата, според АП.

Научниците рекоа дека групата „ќе остане отворена за сите научни докази што ќе бидат достапни во иднина со цел да се овозможи сеопфатно тестирање на сите разумни хипотези“.

Експертската група на СЗО, исто така, забележа дека, бидејќи лабораториски несреќи предизвикале некои епидемии во минатото, оваа многу политизирана теорија не може да се отфрли.

Идентификувањето на изворот на болеста кај животните обично трае со години, а на научниците им требаа околу 15 години да ги пронајдат видовите лилјаци кои беа природен резервоар за САРС, „роднина“ на болеста Ковид-19.

Loading...

Во фуснота на извештајот, групата на СЗО рече дека тројца нејзини експерти, научници од Кина, Бразил и Русија, не се согласуваат со повикот да се истражи можноста Ковид-19 да бил предизвикан од несреќа во лабораторија, според АП.