Каде ќе заврши бакарот од стариот покрив на спортската сала во Куманово? (ВИДЕО)

Сподели со своите пријатели

Подготовките за реконструкција на крвоната конструкција, но и внатрешноста на спортскиот храм во Куманово се во полн ек и до 15 септември се очекува Спортската сала да добие нов лик. Сепак прашањето кое го наметна јавноста е каде ќе заврши бакарот од кој е направена старата конструкција?

Loading...

Кровната конструкција на салата изградена во далечните осумдесети години со самодопринос на граѓаните на Куманово и претпријатието Искра, е изградена како мешавина од бакар и азбестни плочи.

Бидејќи азбестните плочи се канцероген материјал истиот ќе биде уништен, вели кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски.

 

 

– Постоечката кровна површина е изградена еден дел од бакарна покривка и најголем дел од азбестни табли кои се канцерогени и кои ќе бидат сменети. Фирмата изведувач има соодветна лиценца за управување со ваков тип на материјал и истата има обврска согласно позитивни законски прописи да ги депонира на соодветна локација за да истите бидат уништени за да не најдат повторна примена во градежништвото, изјави градоначалникот на претпоследната седница на Советот.

Колку бакар има во самата конструкција ќе проценува стручна комисија во соработка со изведувачот на реконструкцијата. Доколку истиот може да најде повторно примена ќе се искористи за покривање на некој друг објект, во спротивно ќе се продаде.

Loading...

– Се работи за материјал кој има пазарна вредност, истиот ќе биде уредно складиран на локација во близина на Спортската сала, тоа е Градскиот базен. Бидејќи се работи за бакарни ленти со точно претходно утврдена квадратура, ќе бидат уредно депонирани и одлуката за понатамошната судбина на овој материјал ќе биде донесена од страна на Општина Куманово. Јас би бил пресреќен ако тој материјал може да се искористи за препокиравање на некој друг објект, ако не, ќе се утврди вкупната пазарна вреднсот и по пат на јавно наддавање ќе биде отуѓен и тие средства ќе се слеат во буџетот на општината, појасни градоначалникот Димитриевски.

 

 

Советничката од ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Општина Куманово, Невена Величковска, вели дека според нејзини информации станува збор за бакар од 14 до 15 тони и дека неговата пазарна вредност е од 50 до 60 илјади евра. Градоначалникот Димитриевски ги негираше ваквите тврдења.

– Не се работи сигурно за 16 тони материјал, мојата информација првична е дека се работи за околу 2,5 илјади квадратни метри бакарен лим, кој што ќе биде уредно складиран и многу вниматлено ќе биде откриена Спортската сала согласно градежниот проект кој претходно општина Куманово го има изготвено, а фирмата ГЕИНГ го има проектирано за што ние плативме околу 2 милиони денари, рече Димитриевски.

Првиот човек на општината вели дека не може да станува збор за 16 тони кровна конструкција затоа што истиот кров не може да издржи такво нешто.

 

Loading...

 

– Знаете ли што се 16 тони, целата кровна конструкција не може да издржи толкаво оптеретување како што вие изнесувате овде податоци и шпекулирате со јавноста. Во две и пол илјади квадратни метри не може да имаме тежина од 16 тони, бидејќи статиката на тој објект не трпи такво оптеретување, а дополнително под тој материјал има изолациони и друг тип материјали кои се веќе вградени во таа сала. Зошто ја доведувате јавноста во заблуда, се работи за две до две и пол илјади метри материјал кој уредно ќе биде складиран и ако имаме можност ќе се искористи за покривање на друг објект,  одговори градоначалникот.

Според новиот проект Спортската сала во Куманово ќе биде покриена со сендвич панели, кои се огноотпорни и се користат во современите стандарди при покривање на ваков тип спортски објекти.

Реконструкцијата на кровот ќе чини 320.000 евра, средства обезбедени преку проект на Североисточниот плански регион, а учеството на Општина Куманово е скромно со околу десет илјади евра.

 

 

Loading...

Во меѓувреме градоначалникот Максим Димитриевски во име на општината потпиша договор со Бирото за регионален развој од каде ќе се обезбедат средства за реконструкција на внатрешноста на објектот.

Според првичните проценки се очекува реконструкцијата да заврши до средината на септември.

Никола Ивановски

Leave a Reply