Движењето ЗНАМ – За наша Македонија денеска во Гевгелија продолжи со средбите со граѓаните под мотото ‘Две години работа. Две години резултати. Една љубов – Македонија’, на кои пред јавноста го презентира сработеното во изминатите две години на своите именувани и избрани функционери и отвора директен разговор за она што е направено и постигнато за Македонија.
Пред граѓаните во Гевгелија, претседателот на Движењето ЗНАМ и градоначалник на Општина Куманово, Максим Димитриевски, порача дека ЗНАМ не бега од одговорноста, туку напротив, застанува пред граѓаните со отчет за сработеното и јасна визија за периодот што следува.
„Ние сме единствената политичка партија која на половина мандат излегува пред граѓаните и кажува што сме ветиле, што сме направиле и што останува да направиме. Затоа што знаеме кои сме, знаеме зошто сме влезени во политиката, знаеме што сме сработиле, знаеме што сме постигнале и знаеме каде одиме. Не бегаме од одговорноста и не се плашиме од отчетот пред граѓаните“ порача Димитриевски.

Оттука, од ЗНАМ посочуваат дека политичката одговорност не завршува со изборите. Довербата не се бара само во моментот кога се гласа, таа се оправдува со работа, со резултати и со подготвеност јавно да се застане зад донесените одлуки и преземените обврски.
Димитриевски истакна дека најважно е граѓаните сами да можат да го видат резултатот од преземената одговорност и да препознаат што е направено во изминатиот период.
„Не бараме од граѓаните да ни веруваат само затоа што сме кажале дека ќе направиме нешто. Сакаме граѓаните да видат што е направено, да го почувствуваат резултатот и самите да оценат дали сме ја оправдале довербата што ни ја дадоа. Пред нас има уште работа, уште многу предизвици, но имаме јасна цел и знаеме по кој пат треба да продолжиме.“ потенцираше Димитриевски.

На панел-дискусијата свои обраќања имаа и координаторот на пратеничката група на ЗНАМ, проф. Бобан Карапејовски, државниот секретар во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Надица Џерковска, и државниот секретар во Министерството за внатрешни работи, Сашо Петрушевски.
Тие говореа за конкретните резултати од работата во Собранието и Владата, за донесените законски решенија, поддршката за земјоделството и македонскиот земјоделец, како и за мерките и активностите за унапредување на безбедноста на граѓаните.

По две години работа, ЗНАМ продолжува со истата обврска, да работи, да испорачува резултати и да биде меѓу граѓаните. Со јасна цел, со одговорност и со верба во Македонија.


