Јужноафриканската Република денеска го презеде претседавањето со групата БРИКС, во која се и Бразил, Русија, Индија и Кина.
Портпаролот на јужноафриканското Министерство за надворешни работи, Клејсон Мониела, за ТАСС изјави дека Јужна Африка планира да ги задржи сите ефективни активности на организацијата за време на нејзиното претседавање во 2023 година.
Според овој функционер, приоритетите на Јужна Африка ќе вклучуваат зајакнување на економската, политичката, социјалната и културната соработка меѓу земјите-членки.
Моњела најави и дека неговата земја ќе биде домаќин на самитот на БРИКС во август.
Министерката за надворешни работи на Јужна Африка, Наледи Пандор, претходно изјави дека нејзината земја ќе се стреми „во тесна консултација со другите членки и врз основа на приоритетите и претходно договорените одлуки, да обезбеди стратешко лидерство за време на претседавањето со БРИКС“.
Таа додаде дека самитот, министерските состаноци и други настани ќе се одржат врз основа на консензус и дека ќе се обезбеди континуитет во работата на БРИКС.
Јужноафриканскиот претседател Сирил Рамафоса изјави дека оваа организација треба да игра важна улога во процесот на создавање нови механизми за одлучување во рамките на Обединетите нации и другите меѓународни организации со цел да се воспостави „поинклузивен, поправеден и постабилен свет“.
Дипломатски извори во јужноафриканската престолнина за ТАСС изјавија дека разговорите за проширување на БРИКС ќе се одржат во наредните месеци.
Алжир, Аргентина и Иран веќе поднеле барање за членство, додека Саудиска Арабија, Турција и Египет изразија интерес да станат членки на оваа меѓународна организација.
Групата, која првично беше наречена БРИКС, беше основана од Бразил, Русија, Индија и Кина во 2006 година, а буквата С беше додадена откако Јужноафриканската Република беше примена за членство во 2011 година.