Сликата на израелски војник како удира статуа на Исус во јужен Либан е широко споделена на социјалните мрежи, што предизвика бурни реакции, а израелската војска во понеделникот потврди дека фотографијата е автентична.
На видеото, израелски војник се чини дека со чекан удира во главата на статуата на Исус.
Скулптурата се наоѓа во христијанското село Дебл во јужен Либан, во близина на границата со Израел, изјави локалната општина за АФП, но властите не можеа да потврдат дали статуата е оштетена.
Израелската армија на својот официјален профил X соопшти дека инцидентот го сфаќа „исклучително сериозно“, додавајќи дека однесувањето на војникот е „целосно спротивно на вредностите што се очекуваат од нејзините членови“.
– По завршувањето на прелиминарната проверка на фотографијата објавена претходно денеска, на која се гледа како израелски војник оштетува христијански симбол, утврдено е дека на фотографијата е припадник на ИДФ што дејствува во јужен Либан – соопшти армијата.
Инцидентот го истражува Северната команда и моментално се „обработува низ командниот синџир“, се додава во соопштението.
Армијата соопшти дека „ќе бидат преземени соодветни мерки против инволвираните“, но не навлегува во детали.
Најавено е и дека со локалната заедница се работи на „враќање на статуата на своето место“.
Израелскиот министер за надворешни работи Гидеон Сар го осуди настанот, нарекувајќи го „срамен и скандалозен“.
– Сигурен сум дека ќе бидат преземени строги мерки против оној кој го извршил овој грозен чин – напиша тој на Х.
„Се извинуваме за овој инцидент и на сите христијани чии емоции беа повредени.“
Либан беше вовлечен во блискоисточниот конфликт на почетокот на март, кога вооружената група Хезболах, поддржана од Иран, лансираше ракети кон Израел за поддршка на Иран.
Израел одговори со масовни напади низ Либан и копнена инвазија на југот на земјата.
Израелските трупи остануваат присутни во јужен Либан и покрај прекинот на огнот меѓу двете земји што стапи на сила во петокот.
❗The Israeli soldier destroying the statue of Jesus in southern Lebanon
The Israeli army says the incident will be investigated without giving details on the soldier’s identity or possible disciplinary action 🇱🇧 pic.twitter.com/qFdFgzyyM8
— Tannie تاني 🇵🇸 (@putin_76) April 20, 2026

