Израелскиот министер за одбрана Бени Ганц изјави денеска во разговор со амбасадорите на Европската унија дека Израел нема да испраќа оружје во Украина, но може да изгради паметен цивилен систем за рано предупредување за дојдовни воздушни напади, како што се користи во таа земја, објави „Тајмс оф Израел“.
Изјавата дојде еден ден откако Украина најави поднесување на формално барање за испорака на израелски системи за противвоздушна одбрана, како што е Железната купола.
„Како дел од проширувањето на помошта и набавката на опрема за спасување, по разговорите со претставниците на Украина, аплициравме за податоци кои ќе ни овозможат да помогнеме во изградбата и снабдувањето со паметен систем за предупредување како оној што постои во Израел против воздушни и други закани“, истакна Ганц.
Тој нагласи дека Израел е фокусиран исклучиво на помагање на Киев во форма на „хуманитарна поддршка, снабдување со системи за спасување животи и одбранбена опрема“.
Израелскиот систем за рано предупредување користи мешавина од радари и електро-оптички уреди за откривање на дојдовните проектили, за класифицирање на големината и заканата што тие ја претставуваат и за дефинирање на ризичните области на картата.
Според „Тајмс оф Израел“, Израел не сакал да испрати оружје во Украина, плашејќи се дека тоа може да влијае на нејзините чувствителни врски со Русија, чие воено присуство во Сирија е значајно.
Сите информации поврзани со најновите случувања со војната во Украина можете да ги прочитате ТУКА.