Иван Стоиљковиќ: Јас контактирам со странците во Македонија – тие се смеат на ”бомбите” (видео)

Сподели со своите пријатели

Со критички осврт кон медиумите, претседателот на Демократската партија на Србите во Македонија и пратеник во Собранието на РМ со повеќегодишен пратенички стаж, Иван Стоиљковиќ, од петтата изборна конференција на ОО на ДПСМ Куманово одржана за време на викендот, упати апел за поголема медиумска покриеност, не само на партиските активности, туку и на српското малцинство во Македонија, забележувајќи им на медиумите дека Србите во Македонија, односно ДПСМ, не добиваат правична медиумска застапеност во однос на останатите политички партии, далеку помали по обем и број на членство.

Loading...

Во својот получасовен говор пред присутните делегати, лидерот на српската партија во Македонија, се осврна на внатрепартиските проблеми, на фактот што Србите во Македонија недоволно го зборуваат мајчиниот јазик, обвинувајќи ја локалната самоуправа на Куманово за негрижа за малцинството, па сè до излагање за аферата за прислушкувани разговори, тврдејќи дека тој и партијата не се исплашени пред предизвикот да бидат објавени, од причина што Стоиљковиќ гарантира дека не е вмешан во криминал.

Почнувајќи го својот говор со критика кон локалните медиуми, како илустрација, Стоиљковиќ, правејќи споредба со партии кои според него се собираат во кафеани за држење партиски состаноци поради малата бројност, ДПСМ може да се пофали со собир кој брои дури 280 кандидати, обвинувајќи ги медиумите дека ги занемаруваат Србите како небитно малцинство.

– Вакви изборни собранија не прават ниту поголеми партии од нас, а тоа се СДСМ и ВМРО ДПМНЕ. Оттука, Ве замолувам во наредниот перио, обрнете поголемо внимание кој што прави и како прави. Мене ми изгледа многу смешно да читам извештај за политичка партија која организира изборно собрание од кафеана, партија која себе се претставува како фер опозиција или слично,  вели Стоиљковиќ. 

ДПСМ во наредниот период го очекува продолжеток на успешната приказна базирана на напорната работа во последните неколку години, истакна Стоиљковиќ, осврнувајќи се кон своите членови да ја пренесат пораката, Србите во Куманово и сите граѓани, да не дозволат некој друг да го бира Градоначалникот на Куманово наместо нив.

– Само на тој начин, ОО на ДПСМ Куманово ќе ја исполни единствената партиска обврска. Не постои ништо посвето од тоа, ништо побитно од тоа, на секој граѓанин да му објасните дека не може да се бира градоначалник на Куманово без нас. Како што знаете, во минатите избори, страната со која бевме имаше победа во првиот круг, но во вториот круг, пазарот кој е направен помеѓу двата круга, му донесе победа на друг, а цената е превисока, и тоа може да се види во градот секој ден. Ако влогот е толку голем, тогаш дајте да размислиме зошто се организираме, вели Стоиљковиќ. 

За Стоиљковиќ, непочитувањето на српското малцинство во Куманово се огледа во чинот, Општина Куманово да дозволи да пропадне споменикот на паднатите авијатичари во градот, со оглед дека општината била надлежна за заштита на спомениците.

– Толку и постои организација на НОБ во оваа зграда доле која се удира во гради дека се антифашисти. Па што не дојдоа на 6 април да положат венец на споменикот во Аџитепе, праша Стоиљковиќ. 

Ние нема да бидеме вечни, вели Стоиљковиќ во своето образложение зошто ДПСМ ги менува своите партиски кадровски решенија, посочувајќи дека партијата може да биде на власт денес, но не и утре.

– Сè се менува. Ние постарите имаме со што да се пофалиме, освен прашањето со медиумското информирање на српски јазик. Тука сме тенки до зла Бога, но имаме среќа што во Куманово се отвори нова ТВ станица која е и српска телевизија, а наша обврска е да ги едуцираме сите Срби со факултетско образование, за да можеме да бидеме присутни на телевизија на српски јазик. Нас сега не нема, без разлика што сега гледаме српски телевизии на сателит. Таму ние не учествуваме. Оттука, во наредниот период, можеби звучи чудно, 20 партиски членови ќе посетуваат курс по српски јазик, вели Стоиљковиќ. 

На ДПСМ му недостасуваат факултетски кадри од српска националност кои се дисперзирани во други партии, и кои сега ги бранат македонските интереси:

Loading...

– Едно време успеавме да ги привлечеме тие кадри, но во последно време гледам апстиненција. Еден дел од нив се кариеристи кои решаваат македонски проблеми. Тоа е катастрофа. Дали ви е јасно дека една будала може да ја наруши целокупната српска позиција? Затоа ова борба е толку тешка, вели Стоиљковиќ.

Се обидоа да направат уште една српска партија, но, пуштија една ”бомба” од овој град, и го погребаа, вели Стоиљковиќ, осврнувајќи се на формирањето на уште една српска партија под водство на извесен Јовановиќ, која партија за време на последните избори имала изборен штаб спроти ДПСМ.

– Нема промена на политичката позиција на ДПСМ кон никој. И затоа успеавме да го одржиме ова ниво на организација. Имавме среќа што со овие со кои сме во коалција, односно со ВМРО ДПМНЕ, да ги исполнат сите наши барања. Што сакате уште? Тоа е реалност. Бевме во коалиција која не исполни ниту едно ветување. Овде барем одиш, и убаво се договараш, и го добиваш она што си го побарал. Но, јас не сум од оние кој ќе ја води партија во судир со Македонците. Тоа не смееме да го правиме. Тоа не е наша работа. Не е наше да ги оправаме Македонците. Ние нас не сме се оправиле, вели Стоиљковиќ. 

Бидејќи за нашата партија нема ”бомба”, тогаш имате многу будали, додава Стоиљковиќ, кои фрлаат петарди:

– Тој бил ваков, оној бил оваков, па измислуваат, пишуваат сè и сешто, чудо невидено. Да не се познаваме, па ајде.. Да не ги знам лично, па и тоа. Но, ние знаеме какви сме ние, тие знаат какви се тие. Бидејќи се работи за масовно снимање, претпоставувам дека имаат нешто и за нас. Но, јас не се занимавам со криминал, гарантирам, така да, што останува да кажам друго, вели Стоиљковиќ

Секако, не е природна ситуацијата, да се занимавате со политика, а да не смеете да кажете нешто, бидејќи, ако тоа не му се допаѓа на некој, да ви го извади тоа нешто што е прислушкувано на илегален начин, вели Стоиљковиќ, ставајќи акцент на аферата за прислушкувани разговори.

– Па на што личи ова? Сите се смеат. Па јас контактирам со странците овде, и тие се смеат. Смешно е што некој може да си допушти таков луксуз. Она што е најважно е тоа што мора да произлезе правна разрешница за овој случај. Ние во собранието спремаме драконски казни за оние кои ќе се дрзнат да го прават ова што се случува сега. И второ, повеќе нема да има прислушкување, бидејќи никој веќе не збори на телефон,  вели Стоиљковиќ. 

Обраќањето на Иван Стоиљковиќ од позиција на претседател на ДПСМ беше дел  од агендата на петтото изборно собрание на општинската организација во Куманово за избор на ново партиско раководство.

За нов претседател на ОО на ДПСМ Куманово беше избран Владимир Стојановиќ, актуелен директор на А.Д ГАМА.

Leave a Reply