Иранското Министерство за надворешни работи денеска соопшти дека повикот на Франција, Германија и Велика Британија за воздржаност во врска со нападот врз Израел „нема политичка логика“ и „се коси со принципите на меѓународното право“.
„Без никакви приговори за злосторствата на ционистичкиот режим (Израел), изјавата на Е3 дрско бара Иран да не реагира на кршењето на неговиот суверенитет и територијален интегритет“, рече портпаролот на министерството Насер Канани, пренесе Ројтерс.
Тој ги повика Париз, Берлин и Лондон „еднаш засекогаш да застанат против војната во Газа и воинот на Израел“.
Техеран и неговите сојузници Хамас и либанската шиитска група Хезболах го обвинија Израел за убиство на политичкиот лидер на Хамас Исмаил Ханија, додека израелската влада не ја презеде одговорноста.
Претседателот на Соединетите Американски Држави Џо Бајден и лидерите на Франција, Германија, Италија и Велика Британија вчера издадоа заедничка изјава во која го повикаа Иран да се „откаже“ од заканите за напад на Израел.
Во заедничката изјава што беше објавена, лидерите на сите пет земји ја изразија својата поддршка за апелот на САД, Катар и Египет да ги продолжат преговорите за прекин на огнот во Газа со цел да се постигне договор што е можно поскоро.