Израелските одбранбени сили (ИДФ) објавија дека израелската противвоздушна одбрана открила беспилотно летало лансирано од јеменските бунтовници Хути утринава во Тел Авив, но дека дронот не бил соборен поради, како што велат, „човечка грешка“.
ИДФ додаде дека ова се резултатите од првичната истрага за нападот со беспилотно летало во текот на ноќта врз Тел Авив, во кој загинаа најмалку едно лице, а 10 беа повредени, велејќи дека нападот го извршил дрон со долг дострел, наполнето со експлозив.
ИДф ја презеде целосната одговорност за неуспехот на воздушната одбрана.
Се посочува и дека сирените за воздушен напад не се огласиле во Тел Авив бидејќи израелската противвоздушна одбрана не презела акција против дронот, пишува Тајмс оф Израел.
ИДФ соопшти дека дронот директно удрил во стан во Тел Авив во 03:12 часот по локално време и дека дошол од правец на морето, веројатно од Јемен, иако не исклучува други локации за лансирање, како што се Ирак или Сирија.
Хутите ја презедоа одговорноста за нападот и најавија дека регионот на Тел Авив ќе биде нивна главна цел „во дострелот на нивното оружје“, како знак на солидарност со Палестинците во Појасот Газа, објави Ројтерс.
Американската централна команда (CENTCOM) соопшти дека во текот на ноќта беспилотно летало кое се движело кон Израел од источниот правец, најверојатно од Ирак, било соборено од борбени авиони надвор од израелскиот воздушен простор.