Израелската армија (ИДФ) денеска соопшти дека цел на нападот на областа Ал-Маваси во Кан Јунис биле тројца високи функционери на Хамас кои биле таму.
„Цели на ноќниот воздушен напад врз хуманитарната зона одредена од Израел во јужна Газа беа тројца високи оперативци на Хамас“, соопшти ИД, според Тајмс оф Израел.
Според војската, тоа се шефот на воздухопловните сили на Хамас, Самер Исмаил Кадер Абу Дака, шефот на надзорот во одделот за разузнавање на Хамас, Осама Табаш и уште еден висок офицер на групата, Ајман Мабхух.
„Сите тројца беа директно вклучени во масакрот на 7 октомври и другите напади врз војниците во Газа и Израел во последните месеци“, соопшти ИД.
Хамас тврди дека во синоќешниот напад на кампот загинале 40 лица, а 60 се повредени, што ИДФ го негира, наведувајќи дека тоа се „лажни“ бројки и дека не се во согласност со информациите што ги поседува армијата.