Премиерот Никола Груевски во своето вечерашно обраќање од Владата на Република Македонија соопшти дека согласно Договорот од Пржино тој изутрина ќе ја депонира својата оставка до Собранието.
Не можам да не истакнам колку е важно да се остават проблемите зад нас, за да може народот и државата да продолжат напред, да се отворат нови работни места, да се градат училишта, инфраструктура, патишта, болници, субвенции, зголемување на плати, пензии, да продолжи силно растот на нашата економија. Сите партии потпишаа договор што треба да ја разреши и да ја заврши кризата. Ние направивме многу компромиси. Дури бевме и критикувани дека и премногу сме биле компромисни и премногу сме попуштале. Ние тоа го правевме свесно и за доброто на државата, рече Груевски.
Како што посочи, ВМРО-ДПМНЕ како партија ги исполнила во целост своите обврски од договорот во Пржино. СДСМ доби двајца министри со ресор и три дополнителни заменици-министри, се одбра Специјален јавен обвинител со целосни услови за работа, беше одбран составот на ДИК каде опозицијата има доминација, секретар и претседател од своите редови. Изборниот законик е променет согласно барањата на опозицијата….
-Изборите треба да се закажат за 24-ти април. Сега е време да се исполни оваа обврска. За жал, неодамнешните изјави од страна на СДСМ фрлаат сенка врз овој дел од договорот. Ова е јасна замка за да се држи нашата земја во заложништво, да се држи во криза, конфликтност и да се оспори правото на народот да ги одбира луѓето кои мисли дека треба да ја предводат државата. Јас сум против ова кочење и против ваквото држење на државата во заложништво, рече премиерот.
Груевски најави дека утре наутро ќе ја достави својата оставка до претседателот на Собранието на Република Македонија.
-Договорот исто така опфаќа и времено повлекување на премиерот на 100 дена пред изборите. Навршуваат 100-те дена пред 24-ти април, денот за кој е договорено да се одржат избори и тоа е влезено во закон. Јас стојам и зад тој дел од договорот. Сакам конечно да се остави сета неизвесност, да се остават сите проблеми, конфликтност, зад нас. И сакам нашата држава да оди напред и да продолжи силно да се развива. Утре изутрина до претседателот на Собранието ќе го испратам моето писмо со оставка на функцијата претседател на Владата која ќе биде ефективна на 100 дена пред официјалниот датум на избори, рече Груевски.