Екстремно десничарската група „Горди момчиња“ слави откако американскиот претседател Доналд Трамп во дебатата со противкандидатот Џо Бајден во Охајо одби директно да ги осуди расистите и оние кои пропагираат бела супериорност, пишува Гласот на Америка.
Трамп беше критикуван дека никогаш експлицитно не ги осуди екстремно десничарските групи, а за време на дебатата модераторот Крис Валас го праша дали директно ќе ги осуди расистичките групи.
– Кого сакате да осудам?, праша Трамп, на што Бајден одговори – „Гордите момчиња“. Трамп го избегна одговорот и им порача на „момчињата“ – Повлечете се, но бидете подготвени.
Лидерите на групата „Горди момчиња“, кои често се појавуваат на митинзите на Трамп, ги разбраа пораките на претседателот како поддршка во борбата против антифашистите.
Енрике Тарио, еден од лидерите на „Гордите момчиња“, напиша на Инстаграм дека му е драго што претседателот ги спомна на дебатата, додека другиот водач, Џо Бигс, сфатил дека Трамп им дал поддршка.
„Гордите момчиња“ неодамна учествуваа во насилни судири со антифашисти во Портланд, каде што со месеци траат протести против полициската бруталност и расизмот.
Хајди Бејрич, коосновач на Глобалниот проект против омраза и екстремизам, вели дека екстремните десничари се среќни кога ќе добијат поддршка од претседателот, но и да заработат пари од продажба на маици на кои ги печатат коментарите на Трамп.
– Претседателот Трамп практично им даде нов слоган, вели таа.
Членовите на групата се опишуваат себеси како „западни шовинисти“, но експертите велат дека тоа е покритие за анти-имигрантска, антимуслиманска и мизогинистичка група мажи чиј расизам е забележлив, иако тие никогаш јавно не се залагале за земја во која живеат само белци.
Нивниот слоган е „Западни шовинисти кои одбиваат да се извинат затоа што создаваат модерен свет“, а така ги опиша канадскиот екстремно десничарски активист Гевин Мекинес во 2016 година.
„Гордите момчиња“ главно носат црно-жолти поло маици, а групата има членови не само во САД, туку и во Австралија и Велика Британија, а тие членови се претежно белци, но има и исклучоци. ссм/