Според јавното здравство на Франција, минатиот викенд во земјата беа откриени околу 100.000 нови случаи за два дена, но според претседателот на Францускиот научени совет Жан-Франсоа Делфреси смета дека ако се земи предвид бројката на недијагностицирани случаи, бројот на заразени би можел да биде двојно поголем, јави дописникот на МИА.
Според бројките на Јавното здравство Франција објавени во недела, 25 октомври, откриени се повеќе од 52.000 нови случаи во последните 24 часа, со што вкупниот број луѓе позитивни на коронавирус достигнаа 1.138.507 во Франција. Бројот на дневни зарази се зголеми за 6.588 случаи во споредба со саботата, кога бројот на позитивни тестови веќе беше најголем од почетокот на епидемијата.
Две третини од Французи од минатиот викенд се предмет на ноќниот полициски час воведен во 54 департмани и Полинезија за да се спречи ширењето на вирусот, кој веќе уби повеќе од 34.500 луѓе во земјата.
Жан Ротнер, претседателот на регионот Гранд Ест, е убеден дека ограничувањата ќе отидат подалеку, тој веќе зборува за нови мерки на целосна изолација.
-Сигурен сум дека одиме кон изолација (карантин), сепак „различен од првиот“, напиша тој на Твитер.
Потоа, на БФМ тој прецизираше дека ова тврдење произлегува „пред сè од [неговата] лична интуиција како доктор“ и од објавувањето на најновите податоци: „Немилосрдно е. Цела Европа е длабоко погодена, особено нашата земја“.
Запрашан на радиото РТЛ, претседателот на научниот совет Жан-Франсоа Делфреси, од своја страна, зборуваше за „многу тешка, па дури и критична ситуација“, признавајќи дека е „изненаден од бруталноста на она што се случува во изминатите 15 денови“. „Овој втор бран сигурно ќе биде посилен од првиот“, предупреди тој.
-Веројатно има повеќе од 50.000 случаи на ден. Научниот совет проценува дека сме приближно на околу 100.000 случаи на ден. Помеѓу дијагностицираните случаи, случаите што не се дијагностицираат, асимптоматските случаи … Ние сме околу оваа бројка. Имаме вирус кој циркулира екстремно брзо, додаде тој.
Претседателот на научниот совет, исто така, ја истакна „можноста за движење кон помасивен полициски час, како во неговите часови, така и по својот обем и дека тој може да се спроведува за време на викендите“. „Колку побрзо преземеме мерки, толку поефикасно ќе биде нивото на овие мерки“, рече тој за РТЛ.
И, ако Франција мора да помине низ карантин, тоа ќе биде со „кратко траење“ и „полесен од оној од минатиот март“, додаде тој, односно економските и школските активности нема да прекинат со работа и настава од далечина. Одлуката за новите мерки на ограничување може да се очекува на утрешниот состанок на советот за одбрана.
Тони Гламчевски, Франција