Францускиот амбасадор во Москва, Николас де Ривиер, е поканет на средба во руското Министерство за надворешни работи со цел да се направи силен демарш против него поради приведувањето на руски дипломат на парискиот аеродром, изјави денеска портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.
Захарова на брифинг со новинарите изјави дека рускиот дипломат бил приведен на 6 април на меѓународниот аеродром Шарл де Гол во Париз без објаснување и дека му биле одземени компјутерот и телефонот, пренесува РИА Новости.
Руската амбасада во Париз испрати протестна нота до француското Министерство за надворешни работи.
Како резултат на демаршот, на рускиот дипломат на крајот му беше дозволено да влезе во Франција, но мораше да помине еден ден во пограничната зона на аеродромот.
Захарова посочи дека Русија поради тој случај ќе преземе и други мерки.
„Она што ја прави оваа ситуација особено цинична е фактот што француската страна му издаде виза на нашиот службеник за ова службено патување. И тогаш го изведоа целиот овој срамен спектакл“, изјавила Захарова.