Евреите станаа малцинство во Израел и на палестинските територии

Сподели со своите пријатели

Евреите сега сочинуваат помалку од 47 отсто од вкупното население западно од реката Јордан до Средоземното Море, предупреди израелскиот демограф Арнон Софер, тврдејќи дека поголемиот дел од израелското население не е свесно за демократската опасност во која влегува земјата, бидејќи „малцинството владее со мнозинството“.

Loading...

Софер, кој предава географија на Универзитетот во Хаифа, изјави за Израелското воено радио дека покрај еврејското и арапското население, земал предвид и колку стотици илјади не-Евреи живеат во Израел и не се државјани на таа земја.

Во земјата на Израел, како што ја нарече тој, мислејќи на Израел, Западниот Брег и Појасот Газа, живеат 7,45 милиони Евреи и други, заедно со 7,53 милиони израелски Арапи и Палестинци.

Кога ќе се земат предвид оние кои не се државјани на Израел, има меѓу 46 и 47 проценти Евреи.

Според податоците на Централното биро за статистика на Израел, на крајот на минатата година во Израел живееле 9.449.000 луѓе, меѓу кои и Израелци во еврејските населби на окупираниот Западен Брег.

Од нив, 6.892.000 (74 отсто) се Евреи и 1,99 милиони (21 отсто) израелски Арапи, а 472.000 (пет отсто) се ниту едното, ниту другото, пренесува Бета.

Палестинското биро за статистика наведува дека нешто повеќе од три милиони Палестинци живеат на окупираниот Западен Брег, а околу два милиони во Појасот Газа, кој е под блокада на Израел.

Софер објасни дека иако наталитетот е поголем кај еврејската популација во последните години, стапката на смртност е исто така поголема, што значи дека арапското население, кое е многу помладо од еврејското население, расте побрзо.

Loading...

Израелскиот професор исто така рече дека Израел е најгусто населената земја во западниот свет и ги наведе предвидувањата на Централното биро за статистика дека таму ќе живеат 35 милиони луѓе до 2065 година.