Читајќи пред некој ден колумна од секретарот на Општинскиот Комитет на ВМРО-ДМПНЕ Куманово, бев вчудовиден од две работи: неговата самобендисаност и непознавањето на ингеренциите кои ги има централната и локалната власт.
Да појдеме област по област како што тој ги има наведено во својата колумна:
- Културен идентитет на градот!
За какво враќање кон македонскиот културен простор и отвoрање кон светот зборува (дотичната личност) секретарот кога неговата партија од два културни објекти кои се во нашиот град (Културен Дом и Пионерски Дом) има направено бизнис со издавање угостителски објекти (на објекти во кои има отворено кафеани, ресторани и ноќни клубови). Во моето детство во Пионерски дом се одеше на разни секции (англиски, фолклор, модерен танц итн.), а сега таму има само тотално уништени простории во кои фунционира само ресторан (кафеана), додека во Домот на културата сега се излегува за забава, а не за култура. Секретарот ни предлага да се откажеме од провинцискиот статус. Како? Дали можеби секретарот сака да најави дека Куманово ќе стане главен град?
- Мерки за создавање на економска перспектива!
(Па) Што има направено централната власт во последниве 10 години за економската перспектива во нашиот заеднички град. Со тоа што има направено индустриска зона во Ранковце? Од напишаното се гледа дека секретарот мисли оти Куманово може да развие автентична стратегија за привлекување странски инвестиции. Овде секретарот се обидува да биде симпатичен и досетлив и да ја протне идејата дека врз економската состојба на Куманово не влијае политиката водена, т.е. сите глупости направени од централната власт која, замислете, случајност, е од истата партија како и него.
- Расчистување на корупција и криминал!
За расчистување на корупција и криминал, драг пријателе, имавте време, 10 години. Ако имаше корупција и криминал во Општина Куманово, министерството за внатрешни работи и правосудниот систем досега требаше да ги решат (очигледно дека немало). Вие и вашата влада не бевте способни да препознаете 50-ина терористи кои ви се стационираа во централното градско подрачје и кои ни го нарушија мирот во градот. Вашата министерка призна во снимките дека централниот штаб ви се наоѓал во самото Министерство за внатрешни работи. Ако сакате да почнете со расчистување со корупција, прво да ни кажете дали и кога точно, внатре во партиските органи, Вие или кој било од Вашите сопартијци сте се заложиле да бидат испитани снимките кои ги обелодени опозицијата. Или тоа е малата валкана тајна која всушност не е тајна, ама никој не ни збори за неа?
- Култура на заедништво и градење на единство!
Во кој свет живеете вие, Дејан? Дали некогаш имате отворено некој провладин медиум да видите како ги навредува другите националности? За какво единство зборувате кога за најголемиот Ваш медиум беше најважно дека уапсениот претседател на суд во Куманово е Албанец? Пак ваше лицемерие. Па, на немилите настани во Куманово на 9 Мај, никој ваш функционер не излезе јавно да им даде поддршка на луѓето што се најдоа затечени таму, дали Македонци, дали Албанци. Вие кои нонстоп повторувате дека албанците му донеле победа на градоначалникот, сега зборувате за заедништво???? Првин ги потценувате 2000 Албанци кои гласаа за вашиот кандидат, а второ, дали Албанците живеат во овој град, дали се дел од институциите, дел од секојдневниот живот? Ако е така, а така е, тогаш тие имаат право и да одлучуваат и гласаат во овој град. Демократија се учи ама и се брани, драг пријателе. Заборавивте кој гласаше за Борис Трајковски масовно во овој град, ние тоа го прифаќаме и разбираме, не сме лицемери да го негираме. Јас сум секој викенд во Диво Насеље, без никаков проблем. Се надевам и вие? Кога го слушаме Мартин Протуѓер како признава дека сака војна, на каква војна мисли? Јас мислам дека мисли на војна против националните и верски стереотипи. Дали се согласувате? Кога сме кај оваа тема, може да ни кажете и кои се индијанците што ги споменува спикерот Вељановски?
- Ставање крај на политички реваншизам!
Ха… Ха… Ха… Политички реваншизам е вашата најјака ударна игла. Како ќе го решите? Со сотрување на другите политички неистомисленици? Па, политичкиот реваншизам го измислија вашите кога беа на власт од 1998-2002 година. Кога на улиците на Куманово не смееше слободно да се шета член на СДСМ. Кога беше забрането во ноќните клубови да се пие Скопско пиво затоа што “вмровските бизнисмени” од тоа време ја работеа Прилепска пивара. Кога сите мораа да земат вмровски книшки за да останат на своите работни места, а не биле претходно членови на ниедна партија (случај на татко ми, почувствуван на своја кожа).
- Поставување на високи стандарди за Куманово!
Првиот дел од оваа точка не е ништо друго, туку демагогија и политички снобизам. Понатаму, секретарот ги набројува нашите инфраструктурни потреби кои ни се добро познати на сите. Навистина не знам каде ја гледа причината за нивното нереализирање младиот политолог? Можеби мисли дека локалната власт не сака да гради улици, канализација, градинки и паркови. Исто така, не наведува и со кои пари сето тоа би било изградено. Затоа што со добри намери не се гради. Секретарот не кажува и каков став има централната власт кон инфраструктурните потреби на Куманово. Централната власт на која кумановци ѝ плаќаат данок, данок од кој цели десет години не добиваат ништо за возврат, не добиваат ни мир. На кој начин Општинскиот комитет на ДПМНЕ од Куманово се има заложено да бидат обезбедени пари за Куманово од републичкиот буџет? Друга валкана тајна, која не е тајна, е дека сите вие интимно мислите дека на Куманово така и му треба штом гласа за комуњари, дека треба да скапе за да му дојде памет и на некои наредни избори да дојде на баци рака и да моли за некоја трошка од државните пари. Поради ова, вие заслужувате само презир.
- Младите и нивната перспектива во градот!
Направете некоја анкета меѓу младите и ќе видите дека 80% својата перспектива ја гледаат во некоја друга држава. Не друга ОПШТИНА, друга држава. Токму најголемото зло од вашите на власт го почувдтвуваа младите. Од мотор двигател на оваа држава, вие младите ги избркавте да заработуваат парче леб во Авганистан, Малта, Ирак, Италија итн. Пак ваша неспособност што не успеавте да ги задржите во државата. 20000 апликации оваа година за американската зелена карта, претежно млади луѓе од нашата држава, драг пријателе, е само ваш ПОРАЗ.
- Негување на семејни вредности!
Какви вредности пропагирате со семејство поставено на највидно место на градскиот плоштад во Скопје? Олимпија мајка која нарачува убиство на својот маж и на сите подалечни роднини на Филип 2, Александар, син со сомнителни сексуални ориентации? Имал генерали, полковници, “љубовници” ама деца никаде, или децата не се дел од семејството бидејќи штом наполнат 18 години, мора да си одат од државата? Чудни некои вредности, пријателе ДЕМОХРИСТИЈАНСКИ !!!
- Енергија на Куманово како силен патриотски и слободарски дух!
Патриотизмот е последно прибежиште на кукавиците. Вашиот гол национализам нема чудесно да стане патриотизам само поради тоа што така ќе го крстите. Вие се обидовте да го убиете слободарскиот дух и правото на посебност и слобода што отсекогаш биле обележје на нас, Кумановци, без разлика на вера, националност и партиска припадност. Јавно зборувате дека нашите сограѓани се лузери затоа што не ви ја прифатија насилната политика на последните локални избори. Не знам колку ќе ме сфатиш, но во друштво на крадци, привилегија е да си лузер. Не бидете толку слепи од национализам за да не можете да се соочите со реалноста. Погрешното е погрешно без разлика кој го прави или говори.
Пишува: Емил Ташевски